„Психопатите не се познаваат по изглед“ - Македонските познати личности со реакции за убиството на Росица од Велес
- Детали
- четврток, 18 септември 2025
„Секоја жена е иста пред законот, но кај нас не е. Росица пријавувала 7 пати дека е жртва на насилство, физичко и психичко, и никој не ја заштитил. Жал ми е што не се обратила до нас медиумите да ја сподели нејзината мака, оти очигледно само така им се слуша гласот на жртвите - граѓани без функција“, вели новинарката Снежана Лупевска.

Македонците се згрозени од грозморниот чин кој се случи во Велес и кој ја потресе целата земја.
Дечко ѝ го одзеде животот на поранешната девојка, која долго време ја демнел и малтретирал, го уби и нејзиниот татко, а потоа си пресуди самиот себеси.
На темата македонските познати личности коментираат дека институциите затаиле и се револтирани од тоа што жените не се доволно заштитени.
Росица
Нивните објави гласат:
Васка Митова, психијатар
„Лицата со т.н. темна тријада на карактеристики ги одликува нарцисизам, макијавелизам и психопатија.
Не се познаваат по изглед, се препознаваат по дела. Не се „мрачни“ како што им е умот, често се шармантни и високоинтелигентни.
Не се лекуваат кај психијатар, туку нивните жртви.
И ако рано не им се постават граници - касно е прекасно“.

Ружица M. Брчиоска, вокалист во групата Ареа
„Изјавата: „Ќе бидеш моја или ќе бидеш мртва“ не само што ме извади од патики, туку морам да признаам и дека ме натера на размислување.
Прво, зошто е психопатска и не сфаќам зошто типот веднаш не бил изолиран и ставен на посматрање.
Второ, зборот „моја“ употребен за друга личност ми стана некако морбиден.
Да, зборуваме во секојдневниот живот, моја девојка, моја жена и слично, но сепак тоа е друга енергија.
Во суштина никој не може да биде мој, моја, во смисла дека можам да располагам со него.
Убедена сум дека средбите во овој земски живот не се случајности, дека сме си дадени еден на друг за да во меѓусебна комуникација учиме и растеме поврзани во љубов.
И тоа сè додека и двете страни имаат волја да биде така.
Никој не би требало да си замислува дека другиот може да го поседува, контролира или управува како да е негова своина.
И на крајот на краиштата љубовта е таа која би требало да ослободува, а не да заробува, инаку животот без тоа би бил сведен на искористување, изразување моќ и контрола над другиот, а тоа според мене е еднакво на ропство.
Знам дека ова е познато, ама да повторам...“
