Марина Ристовска, наша професорка: „Ах, питата со јаболка од Ванила и кога сами се возевме со автобус во трето одделение“
- Детали
- вторник, 30 септември 2025
„Бев трето одделение првпат ме запишаа на курс по англиски у Работнички. Заедно со уште три деца, две девојчиња и едно машко, 2 пати неделно одевме сами на курс и тоа со аутобус. Денес третооделенци до улица не ги пуштаат сами, ама други времиња беа тоа“, вели Марина Ристовска, професорка по книжевност во СУГС „Никола Карев“ и ни враќа носталгија.

Марина Ристовска е професорка по книжевност во СУГС „Никола Карев“, која на својот Фејсбук профил сподели спомени од детството кога Скопје беше еден сосема поинаков град.

Нејзината објава гласи:
„Се сеќавам дека ко бев трето одделение прв пат ме запишаа на курс по англиски у Работнички. Заедно со уште три деца, две девојчиња и едно машко, 2 пати неделно одевме сами на курс и тоа со аутобус.
Денес третооделенци до улица не ги пуштаат сами, ама други времиња беа тоа.
Беше мирно, безбедно, а и кој да нѐ носи кога родителите на сите ни работеа од 7-15, а ние учевме на смени, па кога бевме попладне у школо на англиски одевме пред тоа, а кога бевме прва смена одевме после школо.
Може да замислите каков доживљај ни беше секое одење, одвај чекавме да дојдат вторник и четврток.
За натаму не беше толку, 57ца тогаш ми застануваше скоро пред порта, а и таму автобуската беше пред самиот Работнички (мислам и денеска е таму), се симнувавме и одма влегувавме во зградата за да не задоцниме на час кај професорката Марија Маџар.
Е, доживљајот беше ко си одевме дома после часовите, а уопште не брзавме зошто тогаш имавме време колку сакаме.
Прво моравме да ја поминеме улицата помеѓу Работнички и Жена парк, која беше многу прометна, а за која имавме посебна стратегија за проаѓање, а потоа прва станица ни беше црвениот киост на влезот на Жена парк, старите скопјани секако го паметат, каде што го правеа најубавиот тост на сите времиња.
Кој пробал знае. Со мортадела внатре, а однадвор тие тетките го стискаа со нешто метално намачкано со маргарин или што ли беше, го превртуваа неколку пати, ко ќе го направеа тенок, крцкав, абе милина. Се топеше во уста.
Чим го изедевме тостот, се симнувавме во подрумот на Трговски, зошто тогаш таму стоеја аутобусите, но пред да се качиме у аутобус обавезна ни беше по една индијанка во Шехерезада.
Ама, така беше све дур не ги откривме колачите во Ванила. Не се сеќавам како се случи да отидеме дури таму (за дете од трето одделение, такво оддалечување од рутата беше голема авантура), ама ко влеговме внатре ко да сме влегле во земјата на чудата.
За тоа време и за детски очи така ни изгледаше. Во стаклените витрини наредени како кукли стоеја еклери, индијанки, тулумби, пасти, баклави, ишлери, бомбици, ванилици, потковици, крем во чаши, пуслици, шампити, падобранци, орасници, гурабии, марципанки, обланди, едно како салама со бисквити и ореви, едни ситни колачи розеви и жолти шо се продаваа на кило, мињони…и лења пита.
Не знам зошто, ама сѐ си е со причина, од толку шаренило окото ми застана баш на неа.
Другите си купија некои чоколадни глувчиња полнети со крем, ама јас се фатив за лења пита.
Се уште се сеќавам на моментот кога прв пат го гризнав парчето, тоа беше совршено убав вкус, внатре полнет со нешто како кремасто, некој џем и јабуки, кората мека, ровка, ронлива, а одозгора наросена со прах шеќер.
Колку многу колачиња од тогаш до сега сум изела во животов се гледа по мене, ама толку убава лења пита како питата во Ванила веќе никогаш никаде не пробав. Ни кај нас, ниту било каде кај што патував по светов.
Денес ја нема веќе Ванила од моето детство. Како што ги снема и сите култни обележја од времето кога Скопје беше град со големо Г во вистинска смисла на зборот.
Со Ванила заминаа и слатките кои таму се правеа (иако старите скопјани уште како ориентир знаат да си кажат „пред Ванила“.
Денес случајно на некој пост за храна ми излезе колаче кое на изглед многу ме потсети на култната лења пита од Ванила.
Толку многу ме врати во спомените и сеќавањата на едно убаво време што ме обзема чувство на тага како за нешто што засекогаш си го загубил.
Па си мислам, ако се уште има некој жив од старите мајстори - слаткари кои работеа во Ванила нека го сподели некаде рецептот. Себап ќе напраи.
Иако денес на интернет има илјадници варијанти од оваа пита, ниеден не е тој автентичниот.
Секако дека таков ист нема никогаш да направиме, но барем да се обидеме некоја слична варијанта, барем малку по вкусот да потсетува на таа од тоа време. Барем едно парче.
Питата со јаболки од Ванила не ми е само спомен од детството, таа е синоним за едно убаво време кога Скопје беше град“.
Прочитајте и Места (и работи) во Скопје кои веќе не постојат, а на сите ни недостасуваат
С. С. | Црнобело
