„Одам на четврта операција за една година“ - Весна Петрушевска со искрена исповед од болница, по ракот на дојка
- Детали
- вторник, 07 октомври 2025
„Единствено се плашам од игла, имам неверојатен страв. И одлучив да направам дневник и да го споделам, зашто многу жени имаат рак на дојка и мастектомија, поточно сите ние сме кастрирани, на најбрутален начин“, вели актерката од болничката соба, додека се подготвува за својата четврта операција.

Актерката Весна Петрушевска, која лани откри дека имала рак на дојка, повторно е во болница.
Овој пат, во месецот на борба против ракот на дојката, таа се подготвува за нова операција, четврта по ред.
А од болничката соба, преку Инстаграм Стори, со своите следбеници сподели искрени размислувања за болеста, со порака до жените дека не се сами во својата битка, иако сами мора да преживеат сè.
Весна во видео порака вели:
„За овие година и пол дена, сама си одам во болница, сама си се враќам, си докажувам себеси дека можам сама и дека свесно ги избегнувам оние моменти на непотребни емотивни состојби.
Животот е тука да нè научи да бидеме храбри, да се бориме и да научиме да бидеме сами, оти сами доаѓаме на овој свет, сами си одиме.
Ако треба да направиш операција за да бидеш подобар, зашто тоа е добро за твоето здравје, треба да го направиш.
Единствено се плашам од игла, имам неверојатен страв. И одлучив да направам дневник и да го споделам, зашто многу жени имаат рак на дојка и мастектомија, поточно сите ние сме кастрирани, на најбрутален начин.

Да ве потсетам дека во Македонија смртноста на рак од дојка е 99%, додека во Словенија е 1%, што значи ако го откриете на време ќе може да се спасите и тој не е животозагрозувачки.
Потоа следува постмастектомска фаза, која јас ја направив по препораките на мојот пластичен хирург д-р Јасмина, која ми кажа дека треба да се прошири кожата, а потоа да се стави протеза, воедно да се изврши и масивна реконструкција за да може да се двете гради исти, од една проста причина - страда кичма.
Кога сте кастрирани ја губите и вашата сексуалност.

Најтопла порака до сите што сте како мене - не сте сами. Жените се најголеми борци, можат сè.
Многу е чудно како се спремам. Ова ми е четврта операција за една година. Многу е чудно како сум спокојна. Полека дишам, не оптеретувам луѓе околу себе, за да кажам колку е страшно.
Сметам дека тоа мора сам да го преживееш“.

Прочитајте и Весна Петрушевска ја покажа лузната по мастектомијата: „Со ракот секоја битка е добиена војна“
А. Ј. | Црнобело
