Татко кој се гордееше со синовите, хуманитарец кој двоеше од себе за оние што немаат - Сеќавање на Панчо од ДНК
Голема страст му беа добрите патики и во неговата колекција имаше околу 140 пара.
„За жал или среќа, ја имам таа пасија да сум љубител на патики. Секој има некоја 'фалинка', па ако треба да имам, мислам дека е супер што е баш оваа.
Инаку, во моментов имам точно 136 пара“, рече Панчо во интервју за CRNOBELO.com во август 2024.

Тогаш искрено откри дека оваа љубов можеби му ја поттикнале и тинејџерските комплекси, зашто во тоа време живееле скромно, а неговата покојна мајка честопати немала пари за да му ги приушти работите што ги сакал.
„За да ми удоволи да бидам како и сите деца, позајмуваше од пријатели или лихвари. Тогаш не сум ни сфаќал што сè правела и колку се понижувала пред пријателите.
Па, сè што можам да кажам е дека сум горд на неа и на тоа како ме воспитала и ми покажала што значи жена-ѕвер.
Сум ја имал најдобрата мајка на светот и вечно сум ѝ благодарен за тоа“, ни кажа Панчо.

Музичарот никогаш не ја прежали својата прерано почината мајка.
На годишницата од нејзината смрт секогаш споделуваше нејзини фотографии, а и на концертите на ДНК, нејзината фотографија се појавуваше на видео бим во знак на почит кон жената која го одгледала.

Панчо беше во брак со Маја, со која ги доби синовите, Андреја (14) и Марјан (10).
За Маја никогаш не зборуваше јавно, тој дел од животот го чуваше само за себе, но никогаш не ја криеше гордоста што има два прекрасни сина.

Со нив ја делеше и љубовта кон музиката и кон спортот, а за себе велеше дека не е строг татко, но дека е принципиелен.
За децата често се жртвуваше, но знаеше и да одвои од свој џеб за да им помогне на луѓето кои имаа помалку од него.

Мразеше неправди и честопати беше „гласен“ кога сметаше дека постои неправда.
Хуманоста, пак, му беше во крвта. Панчо знаеше да застане покрај бабичка на пазарче да купи цвеќе за да ѝ остави некој денар, дури и ги повикуваше пријателите да одат и да купуваат откај неа; со Андреја од секоја свирка и концерт на „ДНК“ одвојуваа пари за да донираат за родители без деца, за многудетни семејства, за луѓе чиј дом изгорел во пожар...

Добрите дела кои ги правеше низ годините не можат да се добројат.
„Двајцата со Андреј сме така растени, да им помагаме на луѓето, тоа е дел од нас, ние не знаеме поинаку“, знаеше да каже Панчо.

Владимир Блажев почина млад, на само 46 години.
Но, во својот краток живот, тој остави музичко наследство и аманет за почитување на човечките вредности поради кое неговото име нема да згасне.

Прочитајте и Храбар до последниот здив, хуманитарец во душа - Сеќавање на Андреј Ѓорѓиески од ДНК
А. Ј. | Црнобело
