18 години без Тоше, блиските се сеќаваат на него: „Откако си замина го обои октомври во најтажните бои“
- Детали
- четврток, 16 октомври 2025
„6 часот и 20 минути, кога цела Македонија се разбуди од плачот на универзумот. Многумина велат - 'чудно, дома сите молчевме, ко да изгубивме некој близок'. Па да... има ли некој поблизок од оној кој ви ги учеше децата на морални вредности, од оној кој градеше болници, училишта, манастири, од оној кој со само 26 години направи небројни хуманитарни концерти“ - пријателите, соработниците, но и обожавателите се потсетуваат на големината на Тоше, 18 години откако нè напушти.

Секој 16 октомври по 2007-ма година боли, но овој пат, е посебно тежок, бидејќи на истиот ден се сеќаваме на денот кога го загубивме Тоше пред 18 години, а воедно и го испраќаме Панчо од ДНК, кој секогаш зборуваше за него со емоции и ги пееше неговите песни.
Тоше Проески, непрежалениот македонски славеј, како што и цел регион пишува за него, остави голема празнина која не се пополнува ниту по 18 години.

Секоја година, неговите блиски, но и обожавателите, се потсетуваат на неговата големина, на неговите песни, на неуморната енергија на концертите, на моќните зборови и на сето она што беше тој, а понекогаш не се опишува со зборови.
Неговите колеги, соработници, пријатели, но и обожаватели, денес се сеќаваат на него со неговите песни, стари фотографии, заеднички спомени или текстови напишани од душа.
Погледнете дел од објавите кои денес се споделуваат за Тоше:
Александар и Дац
„Тоше има само датум на раѓање и живее во сите наши срца, во сите спомени, стихови, ноти и песни...
Ангел што љубов на сите ни носи“.
Игор Јакимовски
„Утрото кое ни го зема единственото вистинско добро што ни го дари Бог е пред нас. 16.10.2007 година, 6 часот и 20 минути кога цела Македонија се разбуди од плачот на универзумот.
И на многу не им е јасно зошто толку ги допре смртта на еден пејач. Многумина велат - 'чудно, дома сите молчевме, ко да изгубивме некој близок'.
Па да.... има ли некој поблизок од оној кој ви ги учеше децата на морални вредности, од оној кој градеше болници, училишта, манастири, од оној кој со само 26 години направи небројни хуманитарни концерти, од оној кој си ја почитуваше татковината, семејството, другарите, од оној кој беше достапен да помогне за сечија мака?
Има ли луѓе??? Камо да изгубевме само пејач, па да ни фалеа само песните, музиката, камо да беше така па да си најдевме замена, затоа што пејачи имало и ќе има, но како да најдеме замена за сè она што беше тој.... каде и како и дали е возможно?“
Слободанка Тренчева

Калиопи
„Откако си замина го обои октомври во најтажните бои…
Тоше…“
Елена Најдоски

Златна Бубамара на популарноста
„За овој свет, eден и единствен, треба сѐ да сториме, само тој го имаме. За овој свет, кој ни е единствен, и со детска насмевка треба да се бориме. За овој свет!“

Ема Тодоровска
„Емоција од 'први редови' на негов концерт: се распрснуваш и соединуваш со неговиот ѕвезден прав. Блесок од љубов и чиста енергија.
Миг, а всушност жиг за цел живот“.
Игор Џамбазов

М. М. | Црнобело