Антониа Гиговска и Марјан Петров на концерт на Лејди Гага во Милано: „Картите ги плативме 1.000€, нашиот Мајкл Дамески играше со неа“
- Детали
- вторник, 21 октомври 2025
„Беше многу блиску, се симна долу, но буквално за некои тројца-четворица луѓе не стигна до нас, зашто тука имаше камера, а ние бевме одма до камерата. Им подаде рака на луѓето до нас, им се потпиша. Стварно едно преубаво искуство“ - велат за CRNOBELO.com Антониа Гиговска и Марјан Петров, по концертот во Милано.

Пејачката Антониа Гиговска и нејзиниот долгогодишен пријател и соработник, шминкерот и фризер Марјан Петров, се во Милано, каде што им се исполни големата желба - да ја гледаат Лејди Гага на концерт.

Двајцата пријатели уште пред концертот најавија дека се спремни за „блиска средба“ со „мајката на чудовиштата“, како што ја нарекуваат Гага, па носеа гардероба инспирирана од музичката ѕвезда, а која за нив специјално ја изработи македонски дизајнер Дејан Сидор.

Додека траеше концертот, Марјан и Антониа не престанаа да објавуваат видеа и не го криеја своето воодушевување.
„Дечки, јас уште не можам да си дојдам на себе. На секоја песна нов костим, за неа, за танчарите, на секоја песна нова сценографија.

На секоја песна цела приказна, театар.
Ако некогаш доживеам концерт со мојата музика, сакам истово да ви го приредам“, напиша Антониа на Инстаграм.

Таа додаде и дека на сцената со Гага бил танчарот со македонски корени, Мајкл Дамески, кој се појавии во нејзиниот последен спот.
Кликнете за да го погледнете видеото:
Но, и еден ден по неговото завршување, Марјан за CRNOBELO.com вели дека двајцата се и понатаму во шок и не можат да сфатат што се случувало на сцената минатата вечер.

„Во истиот хотел сме со целиот тим на Лејди Гага, сите танчари и целиот бенд е тука. Дел од девојките танчарки ги запознавме.
Ни кажаа и дека таа често спиела во овој хотел, но, годинава, ете, не.

Самиот концерт беше нереален. Досега си немам поминато така на концерт.
На секоја песна менуваше гардероба, перика.

А атмосферата беше неверојатна, не сум доживеал такво нешто никогаш во животот на концерт.
Инаку, имавме ВИП карти за да бидеме блиску до сцената, а чинеа по 1.000 евра“ - рече Марјан за CRNOBELO.com.

Антониа, пак, за CRNOBELO.com додава:
„Женава е музика, артист број 1 во светот моментално. Беше многу блиску до нас, се симна долу, но буквално за некои тројца-четворица луѓе не стигна до нас, зашто тука имаше камера, а ние бевме одма до камерата.
Им подаде рака на луѓето до нас, им се потпиша. Стварно едно преубаво искуство.
Како што ви кажа и Мано, се запознавме со некои од танчарите, еден гитарист од бендот, ама немавме многу време да промуабетиме“

