Катарина Ивановска за светската кариера: „Не знаев ни да одам на штикли, на 17 години заминав сама во Њујорк“
- Детали
- петок, 07 ноември 2025
„Не знаев ни да позирам, ни да одам на штикли, поим немав, влегов во нешто непознато, но победив на изборот тука, потоа победив и во Варшава. Оттаму заминав за Виена, па во Милано и на 17 години во Њујорк каде 10 години работев постојано и немав време за забава. Во тој период манекенките беа преслаби, ме сметале и за дебела во индустријата, но си го најдов своето место со многу модни куќи и брендови“ - Катарина Ивановска со Сергеј Варошлија зборува за блескавата светска манекенска кариера.

Катарина Ивановска, нашиот светски модел, госуваше во подкастот на Лазаров, „Урок“, кој вчеравечер го водеше Сергеј Варошлија.
Главната тема на разговор беше нејзината светска модна кариера, патот по кој минала за да стигне до модните писти за некои од најголемите брендови и да се сретне со звучни модни имиња.
Открива дека нејзиното лице, првпат професионално токму Сергеј го нашминкал, а во текот на целиот разговор таа уживаше, бидејќи тој е единствениот со кој може да разговара на оваа тема и да ги познава сите личности од оваа индустрија.

На почетокот на шега таа рече: „Сергеј ме натера вака да се дотерам, ова не сум јас, затоа сум вака како робот“, а признава дека приватно не се облекува така затоа што, како што вели „цел живот сум со преса, кубена, виткана, малтретирана, тегната, шминкана, во око 150 пати со моливче прободена...“
За гостувањето Катарина беше облечена во сако-фустан со длабоко деколте и високи потпетици, го покажа своето извајано манекенско тело, а во коментари повеќепати доби пофалби за својот прекрасен изглед.

За нејзините почетоци во модата, таа вели дека била пронајдена случајно од Анета Кочишки за време на извиднички одмор со Ана Стојановска кога имала 15 години, а кога ја прашале дали сака да биде манекенка, рекла дека никако не е заинтересирана, но подоцна сепак влегла на избор и победува на Look Models International.
„Не знаев ни да позирам, ни да одам на штикли, поим немав, влегов во нешто непознато и за мене и за сите околу мене.
Јас потекнувам од спортско семејство и бев лабава затоа што не ни имав желба да победам. Вежбавме многу, бев антиталент и преку ноќ проодев. Не само обично одење, туку и на високи потпетици.
Јас кога ќе кажам на високи потпетици мислам на штикла од 10cm и повеќе, другото ми се обични чевли. Сфатив дека мора да научам ако сакам да одам на изборот.

Моите не беа среќни со одлуката, им кажав отпосле.
Се сеќавам како да беше вчера, ме прогласуваат – Катарина Ивановска победник, јас се движам, мајка ми седи во прв ред и ѝ читам од усни – татко ти ќе ме убие.
И така бев прогласена за Look Models лице од Македонија.
