Октај Сејди искрено и со солзи за почетоците и поддршката: „Мајка ми ме движи во животот, татко ми сакаше да завршам факултет“
Октај не смета дека емоциите треба да се гледаат според род и вели дека е нормално и мажите и жените да чувствуваат исто, или да пуштат солза.
Тој проговори на уште една тема, која може да е важна за многумина кои можеби сакаат да го следат својот сон, а немаат храброст.
За своите почетоци и поддршката од колегите и околината, рече:
„Искрено не добив поддршка на почетоците од никој, од колегите, само од еден колега имав поддршка, и ден денес е до мене.
Станува збор за Дадар, тој е огромен професионалец, многу го почитувам, тој е многу поголем од мене.
Од другите немав поддршка никаква и не ни веруваа во мене, гледаа како да сум нешто пролазно. Имав 20 години кога го отворив првиот салон.
Кога ќе се навратам и кога ќе видам сега деца од 20 години, си викам како сум се осудил и сум имал храброст.
Ама сум верувал во талентот. 20-годишно дете не може да верува во себе без искуство, но верува во талентот“.

Тој продолжи за поддршката од татко му и семејството:
„Моите секогаш ми беа поддршка, иако до некое извесно време се сметаше дека не е за мене професијава.
Паднав во искушение тогаш, дека можеби е така, но Бог ме дарил со тој талент и решив дека ќе го правам тоа.
Не ми е битно ништо и ничие гледиште, дури и да се моите родители. Немаат право да се мешаат толку во таа сфера, затоа што не знаат што поседува детето.
Татко ми сакаше да бидам високо образован, додека јас сакав да го работам ова денес што сум.
Морав да го завршам факултетот прво, за да дојдам во оваа гранка. Завршив нешто што можеби не сакав, но морав да ја исполнам неговата желба, а потоа дојде ред на мојата желба.

Тука до мене беше секогаш мајка ми, и моите сестри, да ме поддржат. Се учев на нив... имам многу за зборување на таа тема.
Го памтам денот и моментот кога татко ми отишол во продавница, а јас бев објавен во весник како млад, талентиран, успешен фризер и таму продавачот му рекол - Го виде ли син ти го има во весници, а тој немал поим дека јас толку се бавам со ова, бидејќи во меѓувреме и студирав и работев, па тој бил збунет.
Ми рече - Бев многу среќен, не верував дека може вака да се случи, отидов во кафана и сите ги почастив. Познавајќи го него, тоа многу ми докажа, сфатив дека конечно е среќен.
Сега татко ми ми е најголема поддршка. Можам да кажам дека со мене заедно и они работат.
Сонот на едно мало дете не смее никој да го уништи, ниту родителите“.

Погледнете го видеото од целиот подкаст:
М. М. | Црнобело
