Сведоштва на Надалина и Санела кои го преживеаја пожарот во Кочани: „Од излезот ме делеше само еден чекор“
Сеќавањата на Санела Давиткова
Санела Давиткова (26), пак, е наставничка од Кочани. Таа во интервјуто вели дека се радувала на излегувањето таа вечер, а дека ДНК ѝ биле омилен бенд.
„Бевме веднаш пред сцената, веднаш под пиротехниката. На почетокот не го сфативме пламенот сериозно, мислевме дека е дел од настапот. Сè додека пејачот не извика: „Излегувајте сите!“
Речиси сите од моето друштво успеаја да излезат, но ние тројца се заглавивме на самата врата. Од излезот ме делеше само еден чекор. Кога го почувствував жешкиот воздух, инстинктивно ги ставив рацете на лицето.
Не се сеќавам на ништо друго, мислам дека се онесвестив за момент. Не можев да дишам. Кога се разбудив - заглавена. Луѓе натрупани еден врз друг.
Во толпата и врескањето, првото нешто што го видов на вратата беше моето момче. Го викав, но тој не ме препозна, сите бевме црни. На крајот ме слушна. Не знам како успеа да ме извлече.

Ме остави пред дискотеката и отиде да ги извлече другарите, двајцата излегоа. Столе, едниот од нив, кого многу го сакав, беше во предниот дел од амбулантното возило што ме возеше и мене.
Беше многу храбар. Постојано ми велеше дека сè ќе биде во ред. На крајот не издржа, почина во Белград.
Санела кратко се лекувала во Солун, по што се вратила дома. Иако ѝ било тешко, се вратила на работа.
„Учениците ме гледаа чудно на почетокот. Сега сè е во ред“, додала таа.

И Надалина била на лекување во Солун, каде што останала 75 дена со изгореници на вратот, вилицата, левата рака, која сега е во ракавица.
„Кога се разбудив од кома во Грција, по операциите и сè, воопшто не знаев зошто сум во болница. И потоа, додека сè уште бев на интензивна нега, родителите ми кажаа што се случило, колкумина се повредени.
Благодарна сум им што не ме лажеа, тоа беше најисправно. Тогаш го сфатив обемот на трагедијата и дека и луѓе што ги познавам настрадале.
Сфаќам дека сум изгубила пријатели, другари. Како што минува времето, сфаќаш дека навистина ги нема. Не е лесно да се бориш секој ден. Цело време. Но, сè што останува е борбата. Ова е мојата животна лекција.
Сега сфаќам колку минливо е сè што мислев дека вреди. Бев многу амбициозна, давав сè од себе за денот кога ќе ја добијам титулата ученик на генерацијата, и ја добив.
Но, дали знаете колку вреди таа титула на интензивна нега?! Ништо! Само сакам да бидам добро. Тоа е сè што сакам да кажам, ништо друго. Сè во животот ќе се постигне, сè додека сте здрави и живи и вашите најблиски се со вас. Ништо друго не е потребно“ - додала таа.

Целото интервју со Надалина и Санела и повеќе фотографии можете да видите ТУКА.
А. Ј. | Црнобело