Ирина Камилоска за искуството со 2 деца помали од 2 години: „Има тешки денови, но вреди секоја капка пот“
- Детали
- среда, 10 декември 2025
„Многу е важно да го учите големото дете дека дома ќе дојде дадичка или бато. Читајте му книги за братче или сестриче, во сите игри вклучувајте и бебе сè до моментот кога ќе заминете во болница на раѓање. А од болница дома дојдете со бебето и некоја играчка што бебето „ќе му ја донесе“,“ вели Ирина за своето искуство како мајка на две деца кои се помали од 2 години.

Ирина Камилоска, која е мајка на две деца помали од две годинки, синот Јосиф и ќерката Лена, честопати јавно одговара на прашања поврзани со мајчинството.

Па така беше и овој пат. Откако на Инстаграм Стори „отвори прозорче“ и на своите следбеници им даде можност да ја прашаат што ги интересира, освен прашањата поврзани со работата и планинарењето, за кои призна дека премногу ѝ недостига, таа доби и многу прашања поврзани со децата.

Едно од нив беше дали некогаш дремнува кога спијат децата.
„Со Јосе редовно дремнував. Сега со Лена немам толку време искрено, повеќе обврски се.
Но ако начекам момент и со неа, легнувам на краток power nap“, вели Ирина.

Одговори и на прашањето: „Како мајка, мислење за тоа што други мајки цело време сметаат дека нивните деца се најдобри?“
„Најдобри во што? Не постои најдобро дете. Секое дете си е индивидуа и треба да се прекине еднаш засекогаш родителите да ги споредуваат децата едни со други.
Јосиф во друштво прооде најдоцна, па немав комплекс. Затоа што сметам дека развојот на децата не е натпревар што го играат родителите“, напиша таа.

„Во колку стануваш наутро и дали пред децата? Утрински ритуал пред/со нив?“
„Утрински ритуал немам да станам пред нив. Станувам кога ќе се разбуди првото дете, најчесто Јосе.
И нормално, додека се освестам и ставам кафе, он веќе ја разбудил Лена... па сите тројца го будиме Павле. И така четворицата си пиеме кафе“, искрена е Ирина.

Неколку мајки ја прашаа и какво е нејзиното искуство со две деца помали од 2 години (2 under 2), зашто и тие го чекаат своето второ дете.
„Искуството со 2 under 2 е прекрасно. Има тешки денови, но генерално деновите се исполнети со сè по малку. Од гушкање, смеење, до плачење, врева, тегнење и слично.
Но вреди. Не е клише, навистина вреди секоја капка пот (се потам и додека пишувам) додека да ги облечеш двете, да ги избањаш двете, или да ги најадеш, напиеш и заспиеш...
А за вас две што чекате второ, разликата ќе ви е иста како Лена и Јосе. Подгответе се за најлошото сценарио за да поминете најдобро.
Многу, многу е важно да го учите големото дека ќе дојде дома дадичка или бато. Читајте му книги за братче или сестриче, постојано во сите игри вклучувајте и бебе сè до моментот кога ќе заминете во болница на раѓање.
А од болница дома дојдете со бебето и со некоја играчка што бебето „ќе му ја донесе на братчето/сестричката“.
Мора да го поминете процесот на љубомора, како и сите ние, но се надевам низ игра ќе успеете да го подготвите детето за да немате големи фрки по дома“.

„Дали сметаш дека 9 месеци трудничко се доволни за бебето и за мама?“ - е едно од прашањата за Ирина.
На ова, таа вели:
„Не се доволни ако јас се прашувам. Барем 15 месеци.
Но, бидејќи живееме во Македонија, ако го зголемат на 15 месеци, сите жени околу 30 години што не се реализирани мајки ќе останат без работа. За жал таков е нашиот менталитет“.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело