Јутјубер од Лондон ги истражува земјите од поранешна Југославија со само еден денар во џеб
- Детали
- среда, 10 декември 2025
„Со овој серијал се надевам дека ќе ги покажам различните држави и култури, како и прекрасните луѓе кои постојат во овој регион“, вели за CRNOBELO.com Ричард од Лондон кој неколку месеци живее во Скопје, а сега е на пат низ земјите од Балканот, со само еден денар во џеб.

Ричард Хејвард од Лондон, Велика Британија, веќе неколку месеци живее во Македонија.
22-годишниот Британец има и свој Јутјуб канал – SideQuestMerchant – и вели дека сега е посветен на правење видеа тука, во Македонија.
Претходно, во интервју за CRNOBELO.com, Ричард зборуваше за одлуката да се пресели во Македонија, а сега, пак, ни раскажа за неговиот нов подвиг – да ги истражи земјите од поранешна Југославија.
За неговиот нов серијал на Јутјуб и Инстаграм, Ричард одлучи да го напушти својот дом во Скопје, со ништо освен облеката на него и само еден денар во џеб.
Вели дека нема да се врати назад сè додека не стигне до Словенија и не ја посети секоја престолнина на земјите од поранешна Југославија.
Новиот серијал на Ричард ги следи авантурите што ги доживува секојдневно – од снежната бура што го затекнала во Косово на вториот ден од патувањето, преку спиење во напуштени згради во Црна Гора, до средбата со познати инфлуенсери во Србија, како Лука Обрадовиќ и Wajwai.
За да може да преживее, Ричард црта слики за кои добива парични донации, препродава пијалаци, но и секакви ситници – од пенкала до дуксери и, генерално, се потпира на добрината на луѓето.
Кликнете на објавата за да го изгледате видеото:
Тој ја покажува и добрината и гостопримливоста на локалците, а и во коментари доминираат пофалбите за дарежливоста на луѓето што ги сретнува по пат.
„Со овој серијал се надевам дека ќе ги покажам различните држави и култури, како и прекрасните луѓе кои постојат во овој регион.
Колку се различни животите на луѓето овде, но исто и сличностите со луѓето од целиот свет. Се надевам дека на гледачите ќе им се допадне“, вели Ричард за CRNOBELO.com.
Повеќе видеа од авантурата на Ричард:
Сите видеа можете да ги изгледате на Јутјуб каналот на Ричард.
Погледнете и: Ричард (22) од Лондон се пресели во Македонија: „14 пати доаѓав тука, пред да одлучам да живеам во вашата фантастична земја“
Спирова С. | Црнобело
