Браво! Македонец 2 дена тетовира во хуманитарни цели, а парите ги донира за малиот Анѓел - Истетовира и стихови од Слаткар
- Детали
- петок, 12 декември 2025
„Оваа недела ја посветувам на една важна и човечка цел - да му помогнеме на малиот Анѓел. Секој што ќе дојде во овие два дена ќе знае дека прави нешто повеќе од тоа да стави мастило на својата кожа - ќе стави дел од своето срце“, напиша Дарко, кој собра скоро 30.000 денари.

Македонскиот тату артист Дарко, сопственик на AD Tattoo, во изминатите два дена ја покажа својата голема хуманост на дело.
Пред неколку дена на Инстаграм најави дека ќе ја намали цената на тетоважите за 50%, а дека парите што ќе ги собере од сите што ќе се тетовираат во тоа време, ќе ги донира за малиот Анѓел Симоновски, 6-годишното дете со аутизам и пречки во развојот, кому му е потребна помош да оди на лекување во Турција.

Неговата мајка деновиве преку социјалните мрежи бара донации за лекување на момчето, многу јавни личности го споделуваа нејзиниот апел, па и Дарко реши да помогне.
Тој реши два дена да тетовира само за него и сите пари да ги даде за Анѓел, а ги нарече „Хуманитарни денови за малиот Анѓел - Тетовирај се и помогни!“:
„Драги пријатели, оваа недела ја посветувам на една навистина важна и човечка цел - да му помогнеме на малиот Анѓел. Во среда и четврток ќе тетовирам исклучиво мали и средни тетоважи, за да им овозможам на што повеќе луѓе да учествуваат во оваа хуманитарна акција.
Секој што ќе дојде да се истетовира во овие два дена ќе знае дека прави нешто повеќе од тоа да стави мастило на својата кожа - ќе стави дел од своето срце.
Сите средства од тетовирањето ќе бидат целосно донирани за Анѓел.
Секој ден ќе ја објавувам на стори секоја тетоважа и секоја сума, за сите да видиме колку можеме да постигнеме ако се обединиме.
Сите тетоважи ќе бидат со 50% попуст, за да може секој кој сака да помогне да си дозволи да учествува.
Ако долго си размислувал/а за нова тетоважа, ова е совршениот момент - ќе добиеш нешто убаво за себе, а истовремено ќе направиш големо добро дело.
Да му покажеме на Анѓел дека не е сам и дека заедно можеме многу“.

Дарко на Инстаграм Стори објави фотки од тетоважите и напиша дека на вториот ден (11.12) направил 13 тетоважи за Ангел, а последната од нив ја завршил во 1 часот по полноќ.
Тетоважата се стихови од песната „Да полетам“ од Слаткар, за која самиот музичар вели дека е една од неговите најлични приказни.

На крајот, Дарко откри дека собрал 29.550 денари и уште еднаш ги повика граѓаните да донираат ако се во можност.

Погледнете дел од тетоважите:





А. Ј. | Црнобело