Шеф Никола откако ослабе 38kg: „Кога бев дебел викаа ‘свиња си’, сега дека сум болен - ние сме нација што сака да критикува“
- Детали
- вторник, 16 декември 2025
„Од луѓево сум страшно разочаран. Од едно илјадници коментари што сум ги добил, дали 10% биле позитивни и некој да ти каже браво за успехот што си го направил, браво за целта којашто си ја постигнал, зашто, едноставно, се осеќаш здрав. Чудно е тоа што ние не си даваме поддршка една на други. Ние сме нација која сака да фаќа сеир, нација за тастатура, само за критика“, вели шеф Никола, поттикнат од сопственото искуство.

Еден од најпознатите македонски готвачи, Никола Мишевски, познат и како шеф Никола од „Брза кујна“, пред неколку месеци почна да вежба, да се храни поздраво, да внимава на себе.
Тој си постави цел да ослабне, првенствено заради здравјето. Како што кажа, иако тоа не било лошо, сепак, поради неговата тогашна дебелина, постоел ризик нешто да му се случи.
Со помош на неколку пријатели, кои од првиот ден му беа поддршка да не се откаже, денес шеф Никола како да е друг човек.
Редовно оди во теретана и се гордее со себе и што успеа и да ја постигне посакуваната цел, но и да ги задржи здравите навики кои ги стекна во фазата на слабеење.
Но, неговиот нов физички изглед (исто како и стариот) наишол на бројни критики, а тој постојано добива невкусни, дури и навредливи пораки.
Поттикнат од ова, шеф Никола сними видео, со порака: „Стануваме побрзи на осуда отколку на поддршка. А зборовите зборуваат повеќе за нас, отколку за другите“.

Во видеото, за кое кажа дека не бил сигурен дали да го објави, но сепак решил да го сподели јавно, тој вели:
„Долго време некако се мислам дали да ја отворам темата или не, ама некако ми стои некој камен на срцево што морам да кажам, заради тоа што сум разочаран од тоа какви луѓе сме ние Македонците.
Толку сме чудни како народ, толку сме... Не знам кој збор да го искористам да не се осети некој навреден, но катастрофа едноставно.
Ако си дебел: си дебел, си свиња, си ваков, си таков, си се видал ли во огледало каков си, на што личиш.
Ако си слаб: види се каков си сучка, на ништо не личиш, поубав беше дебел кога беше.

Значи, едноставно од луѓево сум страшно многу разочаран. Од едно илјадници коментари коишто сум ги добил, дали 10% од тие биле позитивни и некој да ти каже браво за успехот што си го направил, браво за целта којашто си ја постигнал, заради тоа што, едноставно, се осеќаш здрав.
Чудно е тоа што ние не си даваме поддршка една на други. Чудно е тоа што, некако сме нација којашто гледаме само да критикуваме, да фаќаме сеир, а сите сакаме да бидеме како некој и да ја постигнеме целта, но никој нема храброст да го каже тоа во очи или на порака.
Нација за тастатура, нација само за критика, нација само за тит-тит јадење.
Зошто сме такви и што нè донесе ова дереџе не знам, навистина, но треба да се запрашаме да си ја чукнеме малку главата.
Зошто секогаш за трачарењето има повише коментари и повеќе лајкови, а кога некој ќе направи некаков си успех, никој на никого не му дава поддршка?
Чудна работа, но вистината и реална.

Се надевам дека со ова видео ќе допрам до некого. Јас сум многу здрав, се осеќам многу здраво, така да сум многу среќен што дојдав до целта, од 116kg дојдав до 80 и нешто ситно, симнав некаде 37-38kg за неполни 6-7 месеци.
Не сум болен за тие што ме прават болен.
Сум бил многу поубав, кога сум бил дебел. Океј, можеби да, сега како симнав килажа ми се појавија и подочњаци и сè, тоа е многу нормално.
Но, поубаво да бидам здрав, него да ги немам подочањците, а и да, сè ќе си дојде на свое место.
Давајте поддршка на успешните луѓе, давајте поддршка и застанете, прашајте и бидете дел од успехот.

Ве сакам сите, без разлика на критиките, и фала многу на сите тие што ми дадоа поддршка, и што ми даваат сè уште поддршка за многу работи.
Сите тие што критикуваат, знам дека сакате да бидете како Никола, да дојдете до целта, а јас секогаш ќе бидам отворен и расположен за сите вас и ќе ви помогнам без разлика дали ме критикувате или ме поддржувате.
Ве сакам сите!“
Кликнете и погледнете го видеото:
А. Ј. | Црнобело