Кристијан од Скопје со искрена исповед: „Живеев 7 месеци во автомобил во Сиднеј, спиев на паркинг на бензиска“
- Детали
- понеделник, 15 декември 2025
„Не беа само високите цени за сместување во Сиднеј причината, сакав да се предизвикам себеси. Спиев на паркинг на бензиска. Теретаната ми беше продолжеток на домот. Купатило, туш кабина, место за истегнување и вежбање“, вели Кристијан Шемкоски (34) и додава дека сфатил дека му е доволно едноставен живот, само со задоволување на основните потреби.

Кристијан Шемкоски (34) е роден во Скопје, во населбата Чаир, а израснат во Сиднеј, Австралија.
Животот постојано му е на релација Скопје - Сиднеј, а сега откри дека минал 7 месеци живеејќи во автомобил во Сиднеј.
Но, вели дека ова искуство му помогнало да зацврсти како личност и го инспирирало дополнително да почне со работа како психолошки советник, работа за која посетувал обука во Австралија.
Инаку, за цените на сместување во Сиднеј Кристијан открива за CRNOBELO.com дека за една соба на Airbnb цената е околу 2.000 австралиски долари месечно (околу 1.140 евра).

Но, додава дека не била пресудна само сумата, туку сакал да се тргне малку од сè, да си направи рестарт и време за себе.
За CRNOBELO.com вели:
„Идејата ми беше да се пронајдам себеси и да тестирам граници на издржливост. Авантура буквално.
После тоа се променив целосно и сега сум многу адаптибилен и сфаќам дека можам со многу малку да преживеам.
Едноставен живот со основни потреби“.

Неговата објава гласи:
„Живеев 7 месеци во автомобил во Сиднеј.
Се одлучив на таков чекор бидејќи сакав да се тргнам малку од social pressure (односно општествениот притисок каде што сите знаат што е најдобро за тебе).
Тоа беше една авантура за да се предизвикам себеси. Во тие моменти се откриваш подлабоко и сфаќаш колку си силен. Седиш во тишина и си сведок на внатрешен тивок дијалог со своето вистинско јас.
За мене беше една нова авантура. Се будев многу рано. Спиев на паркинг на бензиска. Кафенце, малку рефлексија, тивка музика и манифестирање за иднината.
Теретаната ми беше продолжеток на домот. Купатило, туш кабина, место за истегнување и вежбање.

Колеџот ми беше духовен и едукативен центар. Сите студенти беа од различни патишта и возрасти. Сите со себе носеа некаква приказна.
Бевме рамноправни да научиме да живееме со нашите болки и да ги пренасочиме кон заздравување на нашите психолошки рани. Бевме соединети во мисијата да дипломираме за психолошки советници и да помагаме на луѓето.

