Соња Николовска: „Св. Никола е празник на нашиот дом, јас и мајка ми виткаме 600 мали сармички“
- Детали
- петок, 19 декември 2025
„Мајка ми прави баклава, онаа што мириса на празник уште додека се пече, татко ми спрема риба, месиме домашни лепиња, а кога доаѓа попот да ја освети славата, домот како да се смирува. Тој момент не е само обред, тоа е благослов“, вели Соња Николовска (37) од Скопје.

Соња Николовска (37) од Скопје години наназад со своето семејство ја слави славата Свети Никола.
Тоа е вистински празник во нивниот дом, кога саканите им се на куп, а душите им се смируваат.
Прават и по повеќе од 600 сармички и буквално сè приготвуваат сами дома.

За оваа слава Соња споделува за CRNOBELO.com:
„Св. Никола е празник на нашиот дом, традицијата и благословот кога се приближува датумот на Св. Никола е неверојатен.
Кај нас во домот се чувствува поинаква тишина, поинаков мир, зад „хаосот“ од подготовки кој знаеме дека следува.

Подготовките не траат еден ден, туку најмалку една седмица.
Прво се средува и чисти куќата, генералка, не поради тоа што мора, туку затоа што така сме научени, славата доаѓа, домот треба да ја дочека…

Но, сепак во кујната се случува она најубавото.
Сармата ја правиме јас и мајка ми, да не изоставам, со помош на тетка ми.

Малечки, ситни колку половина палец, една по една… и така стигнуваме до 600 и повеќе.

Тоа е традиција што ја носиме од дома, и не сакаме да ја менуваме.
