Соња Николовска: „Св. Никола е празник на нашиот дом, јас и мајка ми виткаме 600 мали сармички“

Сестра ми, пак, се грижи за ситните колачи, и секако мајка ми за нашата неизбежна баклава, онаа што мириса на празник уште додека се пече.

На трпезата секогаш има тавче гравче во земјен сад, макала од домашни пиперки, праз и риба која е целосна обврска на татко ми.
Тој си има ритуал, ја чисти и подготвува претходната вечер, следниот ден ја пржи – тоа му е чест и задоволство, и така е секоја година.
Неизоставни се и месената погача, вино црвено и пченицата, симболот на бериќет.

Домашните лепињи што ги месиме сами се посебна приказна… топли, меки, и мирисни, традиција која што носи посебна топлина.
Кога доаѓа попот да ја освети славата, домот како да се смирува. Тој момент не е само обред, тоа е благослов што го чувствуваш.

Откако знам за себе славиме двата дена и секоја година, домот ни е полн со роднини, пријатели, соседи. Со луѓе што ги сакаме, а не ги гледаме секојдневно.

И можеби звучи едноставно, но за мене тоа е најубавото нешто, полна трпеза, полни соби и уште пополни срца.

Св. Никола кај нас не е раскош, тој е дом, традиција, благослов.
И од кога знам за себе, на овој ден домот ни е полн, а срцето уште повеќе. Тоа е благословот што не се купува, туку се наследува“.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело
