Таткото на Надица која загина во пожарот во Кочани емотивен за нејзиниот 18-ти роденден: „Денес ангелите ти пеат“
- Детали
- понеделник, 29 декември 2025
„Денес требаше да славиме со смеа, со свеќички и со соништа за иднината. Наместо тоа, ти го честитам твојот прв небесен роденден - со солзи, со тишина и со љубов што никогаш нема да згасне“ - ја преточи во зборови својата татковска љубов Алејсандар, чија ќерка Надица загина во дискотеката „Пулс“.

Александар Наунов е еден од татковците кои загубија чедо на кобниот 16-ти март во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Во страшниот пожар загина неговата 17-годишна ќерка Надица, една од 63-те жртви, по што Кочани остана завиено во црно.
Оттогаш, Александар, сопругата Габриела и нивната помала ќерка Ангела, ги живеат деновите исполнети со болка, со тага што не поминува.
Своите чувства Александар често знае да ги преточи во емотивни пораки испратени до ќерката која ја нема скоро 9 месеци и која многу му недостига.

На денот на кој Надица требаше да го прослави полнолетството, таткото Александар сподели неколку фотографии од ќерката, но и неколку виртуелни фотографии на кои таа е претставена како ангел со роденденска торта.
Во пораката до починатата ќерка, тој повторно ги собра сите свои емоции и татковска љубов.
„Среќен 18-ти роденден, љубов моја… Денес требаше да славиме со смеа, со свеќички и со соништа за иднината.
Наместо тоа, ти го честитам твојот прв небесен роденден - со солзи, со тишина и со љубов што никогаш нема да згасне.

Ти засекогаш ќе останеш моето дете, мојата гордост, мојата најголема болка и најсветла светлина.
Иако не си до мене физички, те чувствувам во секој здив, во секоја солза, во секое чукање на срцето.
Верувам дека денес ангелите ти пеат, а ти нè гледаш од небото со твојата насмевка.

Тато те сака бескрајно. Родендените ќе болат, но љубовта кон тебе ќе живее вечно.
Среќен небесен роденден, мое ангелче“.
Прочитајте и Таткото на Надица (17) која загина во Кочани, го објави нејзиното последно видео: „Ја чекам во соништата - таму каде што не гори“
А. Ј. | Црнобело