Мотоциклистот Христијан Бузалковски и пријателите собраа 1.600 пакетчиња за деца од ранливи категории: „Секој заслужува среќа“
- Детали
- среда, 31 декември 2025
„Особено ми го стопли срцето моментот кога делевме пакетчиња во затворот во Шуто Оризари, за родителите да ги изненадат своите деца и да почувствуваат дека не се заборавени, дека секој може да погреши, но и дека секој заслужува поддршка“, вели кик-бокс-шампионот Бобан Илиоски, кој се приклучи кон хуманата акција.

Македонскиот мотоциклист Христијан Бузалковски, заедно со отец Методија од црквата Св. Петар и Павле во Скопје, петта година по ред организира хуманитарна акција пред новогодишните празници - тие собираат донации во вид на пакетчиња за децата од најранливите семејства.

Кон средината на декември преку социјалните мрежи мото-шампионот ги повика сите што сакаат да донираат да го направат тоа и собра околу 1.600 пакетчиња со кои ќе им донесе радост на 1.600 дечиња.
Дел од нив ги поделија преку црквата, однесоа кај децата со оштетен вид, во затворот Шуто Оризари за затворениците да можат да им дадат пакетче на своите деца, но и на многу други места...
Бузалковски оваа хумана мисија ја реализираше со отец Методија, а оваа година првпат во акцијата се вклучија и музичарот Христијан Тасковски Таско и кик-боксерот Бобан Илиоски.

Бузалковски е пресреќен што толку многу деца и годинава ќе добијат барем по едно пакетче, па ова му е поттик и в година да продолжи со идејата што ја започна во 2021-ва.
„Оваа година се собраа повеќе пакетчиња од лани. Минатата година имаше околу 1000, оваа година се скоро 1600 и навистина нè радува, бидејќи од година во година се собираат сè повеќе и повеќе.
Акцијата ја правиме петта година по ред и гледаме дека луѓето кои се приклучуваат, пакетчињата ги донираат од срце.
Пораката на акцијата е „Подари пакетче за секое дете“ и целата ни е да успееме да израдуваме што е можно повеќе деца!
