Нашиот фотограф BadStef во Кина на -30°С: „За 4 минути ми смрзнаа трепките“
- Детали
- петок, 16 јануари 2026
„Ги извадив очилата за сонце само на 4 минути и трепките и веѓите веднаш ми смрзнаа. Прстите скоро и да не ми функционираат, на мобилниот ми се појавува црн екран скоро цело време. Добре дојдов во ледениот град во Харбин на -30°С“, напиша Стефан и ги покажа малите мразулци на неговите трепки.

Македонскиот фотограф Стефан Соколовски, познат како Bad Stef, помина неколку дена на една од најстудените дестинации во светот, кинескиот град Харбин.
Харбин е познат и по најголемиот зимски фестивал, каде што секоја година се гради мал град од мраз - хотели, скулптури, продавници, забавен парк, а луѓето од цел свет доаѓаат да уживаат во необичната зимска авантура.

Па освен што беше во Харбин за Кинеската модна недела, заедно со нашата дизајнерка Стефанија Насеска Попадинец, која имаше своја ревија, Стефан направи и неколку фотосесии, а најде време и за посета на зимскиот фестивал.
Тој објави неколку фотографии од ова интересно место. Облечен во топла, термална зимска гардероба, со капа на главата и очила за сонце, Стефан покажа дека има одличен стил и во зима.

А со следбениците на Инстаграм сподели и интересен момент од посетата на замрзнатиот фестивал, и тоа во ден кога температурата била -30°С.
„Ги извадив очилата за сонце само на 4 минути и трепките и веѓите веднаш ми смрзнаа.
Прстите скоро и да не ми функционираат, на мобилниот ми се појавува црн екран скоро цело време.
Добре дојдов во ледениот град во Харбин на -30°С“, напиша тој на една од фотките објавени на Инстаграм Стори на која се гледаат мали мразулци на неговите трепки.

Стефан напиша и дека 5 години по ред ледениот град во Харбин е избран за најдобриот зимски фестивал во светот.
„Мразот примарно се вади од замрзнатата река Сонгуа, и вкупно околу 400.000 кубни метри мраз и снег за користат за изградбата.
За неговото градење се задолжени околу 25 тимови од 10 земји“, додаде тој.
Погледнете ги фотографиите:

