Антониа Гиговска стана заштитно лице на ракометен клуб: „Бев десен бек во основно, знам што значи женска сила“
- Детали
- среда, 11 февруари 2026
„Од клубот ми кажаа дека ме избрале мене затоа што сакале женско лице, некој што ќе ги бодри и мотивира ракометарките. Јас 3 години играв ракомет, во шесто, седмо и осмо одделение, но морав да се откажам затоа што се посветив на музиката“, вели Антониа за CRNOBELO.com.

Антониа Гиговска стана бренд амбасадор и заштитно лице на женскиот ракометен клуб „Атлетик“ од Скопје.
Пејачката на Инстаграм објави фотосесија со девојките од клубот, на која сите се облечени во дресови со мини здолништа и високи потпетици, а позираат на ракометниот терен.

За CRNOBELO.com, Антониа вели дека три години и самата тренирала ракомет, дека обожава спорт, но и сака да го поддржува женскиот пол, поради што веднаш прифатила да биде заштитно лице на тимот.
Таа наскоро ќе ја сними и химната што ќе се пушта на сите натпревари на девојките од „Атлетик“.

За својата нова улога, како ја избрале токму неа, но и зошто веќе не игра ракомет, Антониа ни кажа:
„Три години играв ракомет, во шесто, седмо и осмо одделение, но морав да се откажам затоа што се посветив на музиката.
Во тоа време одев и во школо и не можев да се посветам доволно и на ракометот. Инаку, играв на позицијата десен бек.
Отсекогаш сум била спортски активна, го сакам спортот.

Од клубот ми кажаа дека сакале да ме ангажираат мене затоа што сакале женско лице, некој што ќе ги бодри и мотивира ракометарките, што ќе биде, ајде да речам - лице на нивниот бренд.
Многу им се допаѓа она што го правам јас, моите песни, ми кажаа дека нон-стоп слушаат македонска музика и дека ме избрале мене како девојка што во моментов е најуспешна во својата работа.
Стварно многу мило што ќе бидам опкружена со девојки. Јас сум многу слаба на женскиот пол, се борам за жените.

Во моментов се спрема химната за клубот и наскоро ќе биде и таа објавена, а ќе ја пеам јас.
Таа песна ќе ги „носи“ девојките на сите утакмици и ќе ја пуштаат секаде каде што ќе играат“.

Во својата Инстаграм објава, пак, пејачката, меѓу другото, напиша:
„Како жена, мајка, сестра, ќерка, знам колку значи женската енергија, женската сила, женската љубов. Посебна е, грижлива, јака, моќна.
Баш таква сила претставуваат овие девојки - тие со својата убавина и љубовта према ракометот, а јас со љубовта према музиката, а во минатото и љубовта кон ракометот.
Сега имаат плус играч во тимот, може сум заборавила малку, ама ќе ме потсетат. Фала ви до небо што ме одбравте баш мене!“
А. Ј. | Црнобело