Од семејните албуми на Ребека од ‘80-тите: „Татко ми ги развиваше фотографиите во кујната на јажиња со штипки“
- Детали
- четврток, 12 февруари 2026
„Мојот татко Благоја, црнобелите фотографии ги развиваше дома во кујната и тоа за мене беше доживување. Прозори покриени со ќебиња, фотографии насекаде распослани. Најпрво во некоја течност ги ставаше, а потоа ги редеше по масата и на јажиња со штипки. Магија беше тоа“, се сеќава Ребека на детството.

Пејачката и претседателка на здружението „Дајте ни крилја“, Ребека Јанковска Ристески, која годинава ќе полни 55 години, последниве години скоро и да не споделува фотографии на своите социјални мрежи.
Но семејните фотки, кои ги објавила во февруари 2023-та година, ѝ предизвикаа носталгија на нејзината мајка Роза, која сега ги сподели на својот Фејсбук.
„Среќни спомени“, напиша Роза и се врати во минатото.

Во оригиналната објава на Ребека има десетина фотографии од старите семејни албуми, направени во нивниот дом, на патувањата на кои оделе додека таа и сестра ѝ Хелена биле деца.
А на фотографиите се и таткото Благоја и мајката Роза, од кои може да се види дека Хелена е вистинска копија на мајка си.

Ребека освен што ги објави ретро фотографиите, ја раскажа и приказната која стои зад нив, а кои будат носталгија и убави сеќавања:
„Благодарение на хобито на мојот татко Благоја, кој патем беше одличен новинар и сликар, имаме илјадници фотографии од детството, а црнобелите фотографии татко ми дома ги развиваше во кујната и тоа за мене беше вистинско доживување.
Прозорите покриени со ќебиња, фотографии насекаде распослани.

Најпрво во некоја течност ги ставаше,а потоа ги редеше по масата и на јажиња со штипки.
Магија беше тоа. Татко ми го доживував како некој маѓепсник и едвај чекав следно развивање на фотографии.

Патувавме многу насекаде по светот со фиќото, а потоа со нашиот 101 Застава.
Замислете, ја поминавме цела Eвропа двапати со Застава. Првиот пат тоа беше 1980 година.
Благодарна за сите прекрасни, невообичаени патувања“.
Погледнете ги фотографиите:









А. Ј. | Црнобело
