Валентин од Охрид ја запроси саканата на ракометен натпревар во Прага - клекна на колено среде терен
- Детали
- понеделник, 23 февруари 2026
Во навивачки дресови на својот омилен клуб ГРК Охрид, парот се симна на ракометниот терен во Прага, а Валентин клекна на колено и ја побара Јована за своја сопруга, додека дел од играчите и публиката им аплаудираа.

На Инстаграм профилот на ракометниот клуб Охрид викендов беа објавени две среќни вести - едната е пласманот на клубот во четвртфиналето на ЕХФ европскиот куп, а втората е запросување за време на натпреварот, кој се играше во Прага, а каде главни протагонисти беа нивни верни навивачи.
На Инстаграм профилот на ГРК Охрид беа објавени неколку фотографии од романтичното спортско запросување.

Девојката Јована и нејзиниот сакан Валентин носат сини навивачки дресови, во боите на клубот.
На една од фотките, Валентин е клекнат на колено среде теренот со прстен во раката и ја бара саканата за сопруга.

Во тој момент на теренот се и неколку ракометари кои им аплаудираат, заедно со навивачите од публиката.
„Падна запросување на натпреварот Дукла Прага - ГРК Охрид. Валентин ја запроси љубовта на својот живот Јована. Со среќа!“, пишува во објавата на клубот.

Инаку, ова беше реванш натпревар на двата клуба и се играше во Прага, откако првиот натпревар се одигра во Охрид, а и тогаш нашите ракометари беа подобри од противникот.
На реваншот во Прага беа дојдени околу 200 навивачи од Охрид, меѓу кои и Јована и Валентин.
А. Ј. | Црнобело