Соња (40) од Скопје е мајка која си го трансформираше телото: „Ослабев, но сега сум и поцврста и изгледам помладо“
- Детали
- вторник, 24 февруари 2026
„Почнав со персонални тренинзи заради бројката на вагата, но и заради подобро здравје. Симнав 10kg за 3 месеци - облеката стои поинаку, самодовербата расте. Нo најголемата трансформација не е само во огледалото, туку во чувството дека ја имаш повторно контролата врз сопственото тело“ - вели Соња од Скопје, фармацевтка и мајка која успева да најде време за себе.

Соња Каревска (40) од Скопје e фармацевт по професија и мајка, која после долги години посветени на семејство, работа и обврски, одлучила дека е време да се посвети на себе.
Таа пред 3 години решила дека сака да направи трансформација на телото, не само заради бројката на вагата, туку и за поголема самодоверба, повеќе енергија и сила.
Започнала со персонални тренинзи, намалила 10 килограми во 3 месеци, но сега вагата не ѝ е важна, туку целата трансформација, мускулната маса, како и чувството дека е посилна, но и дека изгледа помладо и посвежо.

За трансформацијата, Соња за CRNOBELO.com раскажува:
Мојата фитнес трансформација не започна само како желба за подобар изглед, туку како потреба за подобро здравје, повеќе енергија и поголема самодоверба.

Желбата за вежбање постоеше долго време, но секогаш нешто ме стопираше. По препорака на моите блиски пријателки – близначките Ана и Марија кои веќе имаа позитивно искуство и искрено ми препорачаа да пробам со персонални тренинзи, наместо да експериментирам.

Така започнав да вежбам со Бранко Десовски, тренер со повеќе од 25 години искуство, кој има изграден пристап, базиран на знаење, трпение и реални очекувања.
Уште во првите тренинзи почувствував разлика, немаше екстремни диети, немаше ветувања за „брзи“ резултати. Имаше план, имаше структура.

Персоналните тренинзи ми дадоа нешто што претходно ми недостасуваше – поголема дисциплина.
Кога знаеш дека некој професионално те води и го следи твојот напредок, пристапот е поинаков. На почетокот не е лесно. Телото се адаптира.
Се прашуваш: Дали вреди? Но кога ќе почнат да се гледаат првите позитивни резултати, тогаш сè се менува. Облеката стои поинаку.
Држењето на телото е исправено, самодовербата расте. Тие мали победи стануваат најголема мотивација. Тренинг по тренинг, почнав да ја чувствувам промената.

Со 3 тренинзи неделно, секој во времетраење од 1 час, успеав да намалам 10 килограми за 3 месеци.
Станав поорганизирана и посвесна за тоа колку е важно да вложуваш во себе. Почнав повеќе да внимавам на исхраната, да размислувам долгорочно и да гледам на фитнесот како начин на живот, а не како краткорочен проект.
Паралелно со тренинзите воведов правилен режим на исхрана. Научив дека балансот е поважен од рестрикцијата, дека резултатите доаѓаат кога си конзистентен. Никогаш не бев на строга диета со гладување.

Во однос на исхраната, количински го намалив внесот на преработени јаглехидрати, тесто, бели печива и газирани сокови. Наместо тоа, се фокусирав на поздрави и нутритивно побогати намирници.
Го зголемив внесот на протеини во секој оброк, било да е тоа преку јајца, месо, риба, јогурт, јаткасти плодови.
Протеините ми помогнаа подолго да се чувствувам сито, да го зачувам мускулното ткиво и да имам повеќе енергија во текот на денот. Истовремено внимавам на внесот на калории, но не со опсесија, туку со свесност.
Научив дека не е важно само што јадам, туку и колку јадам. Пијам голема количина на вода во текот на денот.
Хидратацијата има огромна улога во процесот на слабеење и целокупното здравје.
