Теодора од Скопје со децата е во Дубаи: „Надворешните детски игралишта се затворени, сè друго функционира нормално“
- Детали
- вторник, 03 март 2026
„Во неделата требаше да се вратиме назад во Македонија, но летот ни беше откажан. Точно е дека имаше паднат дрон и остатоци од ракети, но далеку од тоа дека Дубаи „гори" или дека е небезбедно. Градот функционира нормално“, споделува Tеодора Ѓикова Ќосева, која моментално со семејството е во хотел во Дубаи.

Tеодора од Скопје, по професија UI/UX дизајнер, со сопругот и двете деца моментално престојува во Дубаи.
Таа ја обожава оваа дестинација и често ја посетува, а сега среде немилите настани се огласи оттаму.

Вели дека не е едноставно да си заробен таму, но од друга страна државата и начинот на кој функционира ѝ даваат утеха и доза на охрабрување.
Теодора вели дека до секој од присутните туристи во хотелот дошол допис од државата.
Инаку, голем дел од нејзините фотографии се направени во деновите пред да започнат тензиите.

Теодора сподели детали за ситуацијата:
„Во неделата требаше да се вратиме назад во Македонија, но поради ситуацијата со Иран летовите беа откажани и останавме во Дубаи додека не се расчисти состојбата.

Се надеваме дека во петок ќе можеме да се вратиме.
Искрено, ништо од тоа што се пласира по социјалните мрежи и дел од медиумите нема врска со реалноста тука.

Точно е дека имаше паднат дрон и остатоци од ракети, но далеку од тоа дека Дубаи „гори" или дека е небезбедно.
Градот функционира нормално.

Дубаи е едно од најбезбедните места во светот и искрено не верувам дека би дозволиле да се случи нешто што би ја загрозило безбедноста на луѓето.
Постојат превентивни мерки, препорака е да не се движи многу на отворено, чисто од претпазливост поради можни остатоци.
На пример, надворешните детски игралишта моментално се затворени. Сè друго функционира нормално.

Интернетот и АИ (вештачката интелигенција) малку „забегаа" со вестите. Затоа читајте информации од проверени извори.
Се надевам дека ситуацијата брзо ќе се реши.

Инаку, да не се повторувам, но навистина морам да кажам, ретко каде сè е толку добро организирано и координирано.
Секој чекор е испланиран, секоја информација навремена и навистина се чувствува грижата за безбедноста на сите.

Во вакви моменти уште повеќе се гледа колку системот функционира и колку внимателно се пристапува кон секоја ситуација“.
