Џамбо Агушев сподели спомен за Андреј ДНК: „Прекина снимање на спот и отиде да купи сладолед за цел мој оркестар“
- Детали
- понеделник, 16 март 2026
„Андреј и Панчо се легенди кои ќе ги паметам засекогаш, но ако треба да раскажам нешто за Андреј, тоа би било мое сеќавање од снимањето на спотот за песната 'Ако утре ме нема', кое покажа колку голем човек е тој“, вели за CRNOBELO.com, кралот на трубата, на годишнината од пожарот во Кочани.

Денес, 16 март, се навршува една година од кобниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 65 млади луѓе, вклучувајќи го и Андреј Ѓорѓиески, пејачот на ДНК.
Тој го даде својот живот за да им помогне на другите - иако излегол безбедно од дискотеката, заедно со Панчо (кој храбро се бореше 7 месеци пред да почине) се вратиле назад за да им помогнат на оние што останале внатре и до последен здив се трудел да спаси што е можно повеќе луѓе.

Дека Андреј беше човек со големо срце раскажуваат сите што го знаат, и блиските пријатели и соработниците и луѓето на кои им помогнал во животот.
Еден од неговите соработници е кралот на трубата, Џамбо Агушев, кој со дуото и својот оркестар ја сними песната „Ако утре ме нема“.

За CRNOBELO.com, Џамбо раскажа убаво сеќавање за Андреј, токму од снимањето на спотот:
„Што да кажам за Андреј и Панчо би било малку... Тие двајцата се легенди кои ќе ги паметам засекогаш...
Јас имам премногу убави спомени со ДНК.

Но, ако морам да одвојам едно убаво сеќавање за Андреј, тогаш би раскажал што се случи за време на снимањето на спотот за песната ‘Ако утре ме нема’.
Додека снимавме, Андреј во еден момент дојде да праша дали е сè во ред и ги праша момците од оркестарот дали им треба нешто, дали нешто сакаме.
Еден од моите членови на шала му кажа дека сака сладолед, па Андреј го стопираше снимањето и отиде да купи сладолед на целиот бенд.

Но, мора да го спомнам и Панчо.
Посебно ми остави впечаток кога за време на пробата за ‘Златна Бубамара на популарноста’ му шепнав на Панчо дали ‘Ако утре ме нема’ може да е песна и за нас, дека и нас за брзо ќе нè нема.
Тој ми одговори ‘Никогаш не се знае брат’.
Нека почиваат во мир“.

Погледнете го спотот:
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело