„Тешко без тебе“ - Ана Костадиновска неутешна 1 година по пожарот во Кочани, преку фотки го чува споменот на Сара
- Детали
- недела, 15 март 2026
На два дена пред годишнината од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кој се случи за време на настап на ДНК на 16 март 2025, Ана Костадиновска, една од придружните вокали на бендот, не може да ја скрие тагата.

Ана Костадиновска преживеа, но во пожарот загуби многу свои соработници и пријатели, вклучувајќи ја и Сара Пројковска, со која со години беше неразделна и ја сметаше за своја сестра.

Ана и Сара заедно пееја на концертите на повеќето македонски поп-музичари, со години се дружеа, одеа заедно на патувања, ги делеа најубавите и најтешките моменти од животот една со друга.

По смртта на Сара, Ана ѝ се врати на музиката, за која вели дека ѝ делува терапевтски и убаво, но сепак, не поминува ни ден, а да не помисли на Сара и блиските кои загинаа.

Неутешна, Ана објави видео на социјалните мрежи, направено од дваесетина фотки од неа и Сара, сликани низ годините, а во позадина оди песната на Тамара Тодевска „Тешко без тебе“.

„Тешко без тебе. Една година“, напиша Ана и ја дополни посветата за Сара со емотикони скршени срциња и знак за бесконечно.

Во изминатава година Ана често објавува фотки и видеа од пријателите кои ѝ починаа и така го чува споменот на нив.
Погледнете повеќе фотографии од видеото што го објави таа:

