Вики Чадиковска за девојчето во Ѓорче, горено со цигари и терано да јаде кучешки измет: „Kако стравувала таа мала душичка“
- Детали
- вторник, 28 април 2026
„Знаете што е најстрашно? Што овие приказни не се нови и не се ретки. Само ретко стигнуваат до глас. Замислете како му било на детето… понижувано, јавно деградирано, трауматизирано и исмевано. Ни треба повеќе музика, театар, танц, издржани вредности… Ни треба култура“, гласи дел од објавата на Вики Чадиковска, која е згрозена од настанот со врсничко насилство, кој ја потресе цела Македонија.

Во македонските медиуми вчера (27.04) осамнаа згрозувачки информации за врсничко насилство во Скопје.
Во скопската населба Ѓорче Петров, неколку девојчиња, ученички во основно училиште, брутално малтретирале и понижувале врсничка, со горење со цигари и присила да јаде кучешки измет.

Целата јавност е запрепастена од случајот, а на ум ни се прашањата: „Каде ни отиде младинава“ и „Свесни ли се родителите за ова“, „Каде всушност се греши во воспитувањето на децата“...
Овие, а и многу други прашања ја мачат и нашата новинарка и креаторка на ТВ проектот „Приказна“, Вики Чадиковска.

Нејзината објава по повод овој случај гласи:
„Сведоци сме на една грозна приказна, која траела, а сега е споделена јавно.
И да, ова не е „само обична детска караница“.
И никако не смееме да се задоволиме со едно „ќе им помине“.

Ова е врсничко насилство.
Не поминува. Ни брзо, ни лесно, а уште полошо е што е често. Лошо ми е само што се информирав за настаните, кои биле животна реалност за едно дете.
Овие настани болат за детето што ги живеело.
Болат за родителот што не знае како да помогне.
Веројатно боли и затоа што жигот ќе остане.
фото: depositphotos.com
Знаете што е најстрашно?
Што овие приказни не се нови и не се ретки.
Само ретко стигнуваат до глас. Замислете само на миг, како му било на детето… само, осамено, понижувано, јавно деградирано, трауматизирано и исмевано.
Неговите права биле прекршени. Замислете како треперела и стравувала таа мала душичка.
фото: depositphotos.com
А секое дете заслужува да оди на училиште без страв.
Да не се плаши од погледи, зборови, пораки, туркања…
Да биде дете. Да се радува, да игра, да биде безгрижно.
Не ни треба уште едно „шокирани сме“.
Ни треба реакција.
Ни треба одговорност.
Ни треба разговор дома, во училиште, насекаде. Ни треба повеќе емпатија.
Ни требаат вистински квалитетни емисии на медиумите, за деца, но и за возрасни. Ни треба култура, музика…