Гласот на младите стоматолози од Штип: „Дентум“ ја буди студентската иницијатива
- Детали
- среда, 29 април 2026
Студентите од Факултетот за медицински науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип , од насоката по дентална медицина на своја иницијатива формираа здружение на студенти – „Дентум“.

Тие веќе една година успешно се трудат да го пренесат гласот на студентите, и низ најразлични едукативни активности, дружби и настани да се подготват себе а и своите колеги за идната професија – стоматологијата.
Пред скоро поткренаа мисија во Штип, каде со своите колеги – студентите по дентална медицина посетија повеќе детски градинки и основни училишта.
Преку игри и приказни приспособени за возраста на најмладите едуцираа за важноста на оралната хигиена.

Исто дел од нивните активности се и хуманитарни акции каде помагаат со средства за орална хигиена на оние на кои тоа му е најпотребно.
Во интервју за CRNOBELO.com студентите раскажуваат за нивните студентски денови и за тоа како е да се биде дел од едно студентско здружение.
Изјава Андреа Василоска (21)
Сметам дека за едно здружение да успее, потребни се две клучни работи – мотивација и добар тим. Мотивацијата нè движи напред, а тимот е тој што ја претвора секоја идеја во реалност. Без едното, другото нема целосна вредност.
Како претседател на здружението „Дентум“, можам да кажам дека зад секоја активност што ја гледаат студентите стои многу повеќе од организација – стои посветеност, одговорност и секојдневно соочување со предизвици.
Еден од најголемите предизвици е токму да се разбуди и одржи студентскиот активизам. Често студентите имаат идеи, но им недостига простор или поддршка да ги реализираат. Токму тука ја гледам улогата на „Дентум“. – да биде платформа каде секој студент ќе се почувствува слушнат, вклучен и охрабрен да придонесе.
Верувам дека преку мали чекори, но со искрена намера, можеме да создадеме средина каде студентскиот глас ќе има вистинска тежина.
На крајот, најголемиот успех не е бројот на реализирани активности, туку бројот на студенти кои се чувствуваат дел од нешто поголемо. – изјави Андреа Василоска претседател на „Дентум“.

Изјава Ангел Божинов (21)
Според мене гласот на студентите е можеби и најважниот, а кај нас имам чувство дека е малку тивок. Па затоа нашата цел е, тој глас преку студентското здружение „Дентум“ да го претвориме во ехо кое би одекнувало многу далеку, и низ кое би се пренесувала порака меѓу нас студентите за градење иднина заедно, како и порака за остварување на соништата.
Често разговараме со колегите во однос на нашата цел, без двоумење би кажал дека нашата цел е уште поголемо обединување помеѓу нас студентите за уште поголем заеднички успех.
Бидејќи без меѓусебната поддршка нашиот сон е само една обична идеја на еден бел лист хартија, но заедно сите - со сигурност може да се претвори во убава реалност.
Посебно горд на моето учество во ова здружение ме прави тоа што често се трудиме да ја промовираме хуманоста, таков беше моментот кога за новогодишните празници го посетивме домот „Искра“ од Штип за деца со посебни образовни потреби и им подаривме пакетчиња со средства за орална хигиена. Топлината, радоста, и прегратките од децата тој ден таму ќе ги паметам до крајот на животот. – изјави Ангел Божинов – потпретседател на „Дентум“.

Изјава Сара Панова (21)
Нашата главна мотивација е желбата да создадеме нешто повеќе од класично студентско искуство. Веруваме дека студентските денови не треба да се сведат само на учење, туку и на личен развој, креативно изразување и придонес кон заедницата. Токму затоа постојано се трудиме да организираме активности кои ќе бидат корисни, но и инспиративни, и кои ќе поттикнат што поголем број студенти и млади луѓе да се вклучат.
Во изминатиот период, вниманието го насочивме кон она што е најважно – најмладите, од кои започнува сè. Преку активности насочени кон значењето на здравата насмевка кај децата од претшколска и рана училишна возраст, се обидовме да дадеме мал, но значаен придонес во нивниот правилен развој и подигнување на свеста за здравите навики.
Истовремено, како тим веруваме дека континуираната едукација е една од најголемите придобивки што може да се стекнат преку ваквите студентски здруженија.
Се стремиме да ги прошириме студентските хоризонти, надвор од секојдневната настава и да ги надградиме знаењата на секој заинтересиран, преку различни форми на активности – работилници, предавања, дискусии, како и хуманитарни иницијативи кои дополнително ја зајакнуваат свеста за заедништво и одговорност. – изјави Сара Панова генерален секретар на „Дентум“.
На крајот, веруваме дека токму преку вакви иницијативи се гради генерација на млади луѓе кои не само што ќе бидат добри професионалци, туку и свесни и активни членови на општеството.

Изјава Тереза Венциславова Чакалова (21)
Можам да ви споделам дека денот кога бев во една од детските градинки претставува едно од најубавите искуства за мене како студент.
Уште кога влегов во просторијата ја почувствував детската смеа и љубопитност. Мислев дека некои можеби ќе се уплашат од белите мантили кој ги носевме, но не никогаш до тогаш не сум видела толку многу децата да ги сакаат стоматолозите.
Интересен факт е тоа што доаѓам од Бугарија и ова е одлична можност каде можам да ја преточам мојата креативност во нешто што ќе им користи и на останатите. – изјави Тереза В. Чакалова координатор за односи со јавност во „Дентум“.
