Браво Ангела! Средно училиште од Скопје е гордо на својата матурантка - оди на натпревари, олимпијади, активист е за поздрава средина
- Детали
- вторник, 26 мај 2026
Ваква младина сакаме! И горди сме на секој првенец на генерација во Македонија. Тие се пример за другите, тие се пример кои вредности треба да се следат и како треба да се учи со страст да се биде најдобар. Горди сме на Ангела Трпеска од СЕПУГС „Васил Антевски - Дрен“ - учесник на олимпијади, натпревари и активист за поздрава средина.

Ангела Трпеска е матурантка во СЕПУГС „Васил Антевски - Дрен“, но и инспиративна млада девојка.

Таа е прогласена за ученик на генерацијата, а од нејзиното училиште гордо се пофалија со сите нејзини учества на натпревари и успеси досега.

Ваква младина сакаме, зарем не?!
Од СЕПУГС „Васил Антевски - Дрен“ на нивниот Фејсбук профил споделија:
„На Наставничкиот совет одржан на 22.05.2026 година, ученичката Ангела Трпеска од IV-1 клас, беше прогласена за ученик на генерацијата 2022-2026 во СЕПУГС „Васил Антевски - Дрен“.
Оваа престижна титула припадна на ученичка која со своето знаење, извонреден труд и огромна посветеност остави траен белег во училиштето.
Ангела на секоја задача ѝ пристапуваше сериозно и одговорно, докажувајќи дека успесите се градат со дисциплина и континуирана работа.
Нејзиниот ангажман опфаќа импресивна низа од активности и успеси. Таа се истакна на државните натпревари на Машински факултет, МАССУМ, Junior Achievement, на натпреварите по економска географија, како и по македонски јазик и литература.
Посебен успех постигна со учеството на Државната и Меѓународната економска олимпијада, а својот претприемачки дух и аналитичко размислување ги покажа на бројни хакатони и проекти како UPSHIFT.
Покрај тоа, Ангела беше активен двигател на безброј училишни активности и ја покажа својата висока општествена одговорност преку волонтирање во Go Green – Здружение за одржлив развој и заштита на животната средина.
Со своите успеси таа достојно го претставуваше училиштето и беше пример дека знаењето, трудот и посветеноста секогаш го наоѓаат патот до признанието.
Нејзиниот успех не е само лично постигнување, туку и гордост на целото училиште, на професорите и на сите кои имаа можност да го следат нејзиниот развој.
На Ангела ѝ посакуваме многу среќа во понатамошното образование.
Воопшто не се сомневаме дека нејзиното идно школување ќе биде исто толку успешно, забележано и инспиративно!“
С. С. | Црнобело