Мајка со деца нападната од кучиња во кичевско: „Малото ми го извлекоа од раце, го влечеа по бекатон, доживеавме хорор“
- Детали
- вторник, 26 мај 2026
„Излегов со моите две малолетни деца на кратка прошетка, кога нè нападнаа две агресивни црни кучиња (ротвајлери). Доживеавме вистински хорор... Во паника, помалото дете го кренав во раце, а со другата рака се обидував да го заштитам поголемото девојче и ја криев зад мене. Во тој момент едното куче ми го повлече малото дете од раце и тоа падна на бекатон“, вели потресено Лени Анѓелкоска Здравеска и бара правда.

Лени Анѓелкоска Здравеска од Гостивар сподели каква страшна случка доживеала во село Другово – Кичево, кога агресивни кучиња, во сопственост на човек, ја нападнале неа и нејзините мали деца.
Синот буквално ѝ го извлекле од раце, го влечеле по бекатон, а за малку ќе го прегазел и автомобил.
Нејзината потресна исповед вирално се шири на социјалните мрежи и е доказ дека мора да има казни, санкции и ред.
Лени на Фејсбук споделува Јавен апел и барање одговорност:
„На 22.05.2026 година, во с. Другово – Кичево, доживеавме вистински хорор.
Излегов со моите две малолетни деца на кратка прошетка, кога нè нападнаа две агресивни црни кучиња (ротвајлери).
Прво почнаа да лаат. Во паника, помалото дете го кренав во раце, а со другата рака се обидував да го заштитам поголемото девојче и ја криев зад мене.
Во тој момент едното куче ми го повлече малото дете од раце и тоа падна на бекатон.
Додека се обидував да го спасам, се појави и другото куче, кое агресивно ме нападна, ми го фати за дуксерот и повторно ми го повлече детето.
Детето беше влечено по бекатонот и во еден момент до нас дојде автомобил, изгасна автомобилот и детето заврши буквално до предното тркалото речиси под автомобил.
Со последни сили успеав да го извлечам, го зедов во раце и влегов во двор кај соседите за да се спасиме. Но, кучињата продолжија да се враќаат по нас.

Исто така детето се здоби со телесни повреди констатирани во Медицинскиот центар Кичево.
Најстрашно од сè е што човекот кој ги чува кучињата ладнокрвно одговори дека „не му е ништо“ и не покажа никаква грижа, одговорност или човечност. Не праша ни како се децата, ни што точно се случило.