„Мојот траорен вресок ќе го памети ќерка ми“ - Сопругата на Андреј од ДНК со емотивна исповед, првпат јавно по смртта на пејачот
На прашањето кога последен пат се слушнале со Андреј пред трагедијата, Наталија вели:
„Со Андреј бевме заедно вечерта пред да тргне на настап во Кочани. Ние обично немавме навика да споделуваме информации каде е вечерта, затоа што тој постојано имаше настапи и тоа беше буквално како редовно одење на работа, трета смена или ноќна смена.
Јас случајно прашав вечерта каде е и он кажа во Кочани.
За некоја несреќа ете на 15-ти вечерта мојата сестра славеше роденден. Таа е родена на 15-ти март и од тогаш нејзиниот роденден го паметиме по лошо, за жал.
И со ќеркичката тргнавме на прослава и ние вечерта бевме на прослава, додека Андреја беше во клуб.
Не ни претпоставував дека тоа ќе ни биде последно, беше најнормално, се гледаме после или се гледаме утре.
Инаку, трагичната вест до мене како да стигна најдоцна.
Како и секоја вечер, Андреја на работа, ние дома си се вративме и сме паднале во длабок сон.
Утредента телефонот ненормално ми ѕвонел, преку 200 пропуштени повици и пораки, коишто воопшто не сум ги слушнала.
Ме разбуди мојата ќерка со телефон во рака. Мојата сестра успеала да ме добие конечно.
За трагедијата дознавам од сестра ми во тој момент во присуство на мојата ќерка и мојата внука.
И мојот вресок во тој момент, тој траор, вечно ќе го носи мојата ќерка.
Затоа што јас во тој момент не можев ниту да се исконтролирам, не знаев што се случува, дека избувнал пожар баш во таа дискотека додека тие имале настап.
Кога ме извести сестра ми, беше - Имало пожар, имало многу жртви, дали Андреја е дома.
Не беше до мене... Ѕвонев, не можев да го добијам на телефон, телефонот беше исклучен, не можев да го добијам, застанав и велам што е најпаметно да се направи во тој момент.
Мислев дека можеби е во полициска станица и е на распит, и знаејќи колку е одговорен претпоставував дека го исклучил телефонот за да не пречи на распит, знаел дека ќе ѕвонам.
И во тој момент не ми беше ниту на крај памет дека нешто всушност нему му се случило...“
Подкастот на Ландов „Претрес“ каде Наталија зборуваше за смртта на сопругот (од 1:16 минута):
С. С. | Црнобело