Александра Пижевска со пикник фотки од Градски парк: „И во Скопје може да биде прекрасно, ако се потрудиме“
- Детали
- петок, 19 јуни 2026
„Имаме традиција да си организираме пикник со другарките. Некогаш имаме активности како цртање или сликање, некогаш подготвуваме и носиме различна храна што заедно ја испробуваме“, вели Александра Пижевска од Скопје.

Александра Пижевска (22) од Скопје е при крај со студиите на Филозофскиот факултет, само дипломската ја дели од називот дипломиран психолог, а работи и како контент креатор на социјалните мрежи.
Таа е млада девојка која обожава добра естетика, па дури и во моменти од секојдневието. Таа со своите другарки има традиција неколку пати годишно да организира совршени пикници.
Овојпат беше во летна атмосфера во Градски парк Скопје.
Александра за CRNOBELO.com вели:
„Можеби за некого пикникот е само седење на трева, но за мене секогаш е вистинско уживање.
Тоа е нешто што го организираме со другарките неколку пати во годината, односно речиси секоја сезона освен во зима.

За мене, пикникот е потсетник дека и во Скопје може да биде прекрасно ако сами се потрудиме да си создадеме убави моменти.

Секој пат ни е различен – некогаш организираме активности како цртање или сликање, некогаш подготвуваме и носиме различна храна што заедно ја испробуваме, а секогаш се трудиме сè да биде убаво наместено и, како што би рекла јас, естетично.

Откако почнав да се бавам со социјални мрежи, мислам дека пикниците станаа нешто по што луѓето ме препознаваат, можеби затоа што навистина се гледа колку уживам во тие моменти.
Искрено ми е многу мило поради тоа.

Се надевам дека барем некого ќе инспирира ова лето да собере неколку пријатели, да подготви нешто вкусно и да си создаде свој мал пикник.

Не мора да биде совршено – најважно е да си поминете убаво и да си создадете спомени.

Снимам и ТикТок пикник-влогчиња, со надеж дека ќе ве инспирираат да организирате едно вакво дружење“.

