Уште еден странец воодушевен од бруталистичката архитектура во Скопје: „Градот е како музеј на отворено“
- Детали
- четврток, 16 јули 2026
„Суровиот бетон, смелите геометриски форми и футуристичките дизајни го трансформираа градот во музеј на отворено, а архитектурата раскажува приказна за отпорност, амбиција и визија за иднината. Без разлика дали го сакате или мразите овој стил, шетањето низ Скопје делува како да влегувате во друга ера“, вели Ендру, воодушевен по посетата на Скопје.

Откако неодамна дечко од Чешка објави видео на Инстаграм дека обожава бруталистичка архитектура, па затоа дошол во Скопје, за да ја види зградата на Пошта, уште еден странец не криеше колку е воодушевен од овој архитектонски стил кај нас.
Ендру, кој преку Инстаграм профилот DiscoverWithAndrew патува низ Европа и споделува свои впечатоци од земјите што ги посетил, вели дека Скопје и Македонија, воопшто не биле на неговата листа држави што сакал да ги посети, но дека доаѓањето кај нас му било вистинско откровение, па сега ја препорачува на сите посетата на земјава.

Тој во неколкуте дена поминати кај нас беше во Скопје, Охрид и Тетово, од каде што споделуваше фотки на Инстаграм Стори, со местата што ги видел, цените на храната и негови препораки, но и две видеа, со акцент на убавините на нашата метропола, и бруталистичката архитектура.
„Ако мислите дека бруталистичката архитектура е грда, Скопје најверојатно ќе ви го смени мислењето“ - пишува на видеото.

А потоа следува објаснување:
„По катастрофалниот земјотрес во 1963 година, Скопје беше речиси целосно обновен, станувајќи еден од најфасцинантните ‘изложби’ на бруталистичка архитектура во светот.
Суровиот бетон, смелите геометриски форми и футуристичките дизајни го трансформираа градот во музеј на отворено каде што архитектурата ја раскажува приказната за отпорност, амбиција и визија за иднината.
Без разлика дали го сакате или го мразите овој стил, шетањето низ Скопје делува како да влегувате во друга ера. Секоја зграда има приказна, а секој агол го предизвикува начинот на кој вие размислувате за убавината.
Дали би посетиле град само поради неговата архитектура?“

Ендру објави и видео од неколку локации низ Скопје, велејќи дека тој е оној главен град во Европа за кој никој не зборува и токму затоа треба да го посетите.
„Скопје не беше на мојата листа на желби... но на крајот се покажа како едно од најголемите изненадувања на Балканот.
Од иконскиот Камен мост што ги поврзува стариот и новиот град со живата Стара чаршија, Скопје е место каде што различни култури, истории и архитектонски стилови се спојуваат на начин што не го очекувате.
Доколку имате само еден ден во Скопје, мора да прошетате преку Камениот мост, да ја истражите Старата чаршија, посетете го плоштадот Македонија, пешачете до тврдината Кале за најдобри погледи кон градот, качете се со жичницата до Водно и посетете го Милениумскиот крст, пробајте локални специјалитети како тавче гравче и ќебапи.
Прифатливо е, лесно се истражува пеш, а сепак се нема премногу гужви во споредба со многу европски метрополи“.

Кликнете и погледнете ги видеата:
А. Ј. | Црнобело