„Мајка ми со телото го штитела мојот 7-месечен брат, татко ми ги извлекол“ - Џокси раскажа семејна приказна за земјотресот во Скопје
- Детали
- недела, 26 јули 2026
„Утрото, татко ми Боро, станал малку порано и пеш тргнал на работа. По 10 минути земјата почнала да се тресе. Тој се вратил назад и ја видел мајка ми како со телото го покрива креветчето на Јовица за да го заштити. Подоцна раскажуваше дека еден од ѕидовите се навалил врз големиот регал, а регалот го задржал ѕидот. Да не бил таму, тој ќе паднел право врз креветчето...“, вели Џокси, среќен што денес покрај себе го има брат му, жив и здрав.

Ѓорѓе Васиќ, познат под своето уметничко име Џина Папас Џокси, преку емотивна објава откри детали за кобниот 26 јули 1963, денот на големиот скопски земјотрес, во кој градот беше разрушен, а илјадници луѓе ги загубија животите.
Семејството на Џокси, пак, имало среќа, и сите го преживеале разорниот земјотрес - татко му бил излезен на пат кон работа, а кога почнала да се тресе земјата, мајка му со телото го заштитила неговиот, тогаш 7-месечен, брат.
Џокси на Инстаграм објави илустрација од него и брат му и ја раскажа семејната приказна, за утрото на 26 јули, во 5:17 часот.

„Ова е брат ми Јовица.
Денес, кога се сеќаваме на катастрофалниот земјотрес од 26 јули 1963 година, не можам, а да не помислам колку малку недостигало никогаш да не го имам покрај себе.
Тој ден имал неполни седум месеци.
Утрото започнало сосема обично. Татко ми, Боро, станал малку порано и пеш тргнал на работа во ГП „Ратко Митровиќ“.
Мајка ми Гина останала дома со брат ми, кој мирно спиел во своето креветче.
Не поминале ни десет минути од неговото заминување кога се слушнал страшен татнеж.
Земјата почнала да се тресе. За само неколку секунди животите на илјадници луѓе засекогаш се промениле.
Татко ми веднаш се вратил назад. Кога влегол во куќата, ја видел мајка ми како со своето тело го покрива креветчето на Јовица, обидувајќи се да го заштити од сè што паѓало околу нив.
Без размислување ги зграпчил двајцата и ги изнел надвор.
Подоцна раскажуваше дека еден од ѕидовите се навалил врз големиот регал.
Токму тој регал го задржал ѕидот. Да не бил таму, тој ќе паднел право врз креветчето...

Понекогаш животот навистина го делат само неколку секунди, една мајчинска прегратка и една татковска одлука.
Денес брат ми стои до мене. И секогаш кога ќе дојде 26 јули, не се сеќавам само на големата трагедија што го погоди Скопје.
Се сеќавам и на храброста на моите родители. На мајка ми Гина, која инстинктивно го покрила своето дете со сопственото тело.
На татко ми Боро, кој наместо да бега, се вратил во куќата.
Нашето семејство имаше среќа. Многу други семејства ја немаа.
Во спомен на моите родители, Гина и Боро, и со длабока почит кон сите што ги загубија своите најмили во скопскиот земјотрес од 26 јули 1963 година. Да не ги заборавиме. Никогаш“.
А. Ј. | Црнобело