Македонски свадбен фотограф: „Немам отидено на одмор, очите ме печат, а невестата притиска: ‘Кога ќе ни биде готов материјалот?’“
- Детали
- вторник, 28 јули 2026
„Ме чека мониторот што ќе ми свети во лице до доцните ноќни часови, додека сопругата веќе одамна спие во другата соба. Очите што ќе ме печат од гледање во истиот екран со часови. Секој ден по свадба ми e ист. Јас немам втора работа. Не работам во државно, не снимам реклами, не бркам музички спотови и кога невестата ќе ми каже : ‘Кога ќе бидат готови фотографиите?’, aх...“, вели во својата исповед Виктор Керов, свадбен фотограф од Прилеп.

Виктор Керов е свадбен фотограф од Прилеп кој својата професија ја работи со тон љубов.
Посветен и на најситните детали, одлучен да ја улови и овековечи секоја емоција, тој буквално ужива во работата.
Сепак, проговори за една негативна страна, односно за притисокот од страна на младоженците за што побрзо да ги добијат фотографиите и видеата.

Објавата на Виктор:
„Недела е. Седам во автомобилот пред куќата на невестата и си ги одморам рацете од тежината на апаратите и ја пијам онаа една изладена голтка кафе.
Дневната веселба кај невестата штотуку заврши луѓето полека се разидуваат, а ние имаме едвај еден час пауза да земеме воздух и да ги смениме батериите додека чекаме да започне венчавката.
Свадбата уште не е ни до половина, а пред нас е вториот уште полуд и подинамичен дел од денот.
И во оваа куса тишина, додека гледам во апаратите на задното седиште, од некоја слатка мака ми текна да го напишам ова.
Зашто искрено не ме изморија објективите и апаратите утрово. Ме измори еден момент од пред неколку часа што уште ми стои како грутка во грлото.
Утрово додека ја сликав невестата во нејзиниот дом додека го местев превезот и додека околу неа имаше чиста емоција, прегратки и солзи во очите на мајка и таа ме погледна и со насмевка ми рече: „Ејјј абе кога ќе ни биде готов материјалот од свадбава?“
Свадбата уште не беше ни започната. Уште не беше кажано ниту едно ДА. А прашањето за брзината веќе беше тука.

И во тој момент, додека ѝ се насмевнав во себе почувствував една длабока болка.
Сфатив колку луѓето, во оваа општа трка со времето, не се свесни што значи да се создаде нешто што треба да трае вечно.
Зошто додека се спремаме за венчавката и за вечерта што следува, во глава веќе ги гледам истите слики што ме чекаат од утре наутро.
А од утре ме чека онаа другата, сурова страна на оваа професија.
Ме чека мониторот што ќе ми свети во лице до доцните ноќни часови, додека сопругата веќе одамна спие во другата соба. Очите што ќе ми печат од гледање во истиот екран со часови.
Секој ден по свадбата ми станува ист.