Вистинско чудо е како преживеавме во зграда во населбата „Карпош“

Роден сум во Скопје, и сиот мој живот го поминав на градот на Вардар. Во предземјотресно Скопје, сета наша младост се одвиваше на корзото, во кината, во театарот. Секоја прошетка и во околината на градот претставуваше исто така возбуда и задоволство. Се живееше еден мирен, релаксиран и спокоен живот. По потекло сум Словенец, татко ми Антон, дојден е во Скопје во 1918 година.

vistinsko-cudo-e-kako-preziveavme-vo-zgrada-vo-naselbata-karpos-1

Тоа кобно утро на 26 јули 1963 година кога се случи земјотресот, живеевме на улицата Никола Тесла или 762, во зградата бр. 6 во населбата „Карпош“. Кога се оди во правецот од градот кон Ѓорче Петров, таа беше втората зграда по ред, веднаш кога ќе се сврти десно, кај првата висококатница во „Карпош“.

vistinsko-cudo-e-kako-preziveavme-vo-zgrada-vo-naselbata-karpos-2

Земјотресот предизвика толку силен удар што зградата се нишаше како да е од картон. Започнаа да се превртуваат предметите, да паѓа малтерот, вратите се заглавија, и не можеше да излеземе. Со крајни сили успеавме да ги пробиеме вратите и да излеземе на улицата. Никој од моето семејство не загина.

На улицата не пречека вистински ужас. Имаше уште неколку удари, земјата се тресеше, сета околина беше обвиена во прав. Кога по извесно време правта слегна, глетката беше уште поужасна. Не можевме да веруваме на сопствените очи, бидејќи зградата наспроти нас со бр. 11, со двата први спрата беше речиси пропадната в земја. Имаше пискотници и повици за помош, се ширеше злокобна неизвесност и страв. Таа зграда се наоѓаше од другата страна на улицата од каде што започнува „Карпош 2“.

Во зградата зад нас, на чиј број денес не се сеќавам, глетката беше уште пострашна. Бидејќи надворешните ѕидови беа урнати, се гледаа спратови и внатрешноста на разурнатите станови. Во нив се гледаа редици од кревети со умрените, потиснати со бетон. Таа слика нема никогаш да ја заборавам. Смртта луѓето очигледно ги затекла на спиење. Сликата во зградата бр. 13 која се наоѓаше во близина, а која најмногу настрада, беше исто така морничава. Урнатини, споени или сосема уништени спратови, се беше прав и пепел.

Подоцна, зградата во која живеев ја санираа, се вративме назад, и повторно живеевме во неа. Потоа го продадов станот во „Карпош“, и сега живеам во близина на Соборната црква. На местото каде што се наоѓаше зградата со бр. 11, постоеше идеја повторно да се крене нов стамбен објект. Мештаните не дозволија, сметајќи дека подобро е тука да останат зеленилото и парчето, кои ден денес постојат.

Кога денес, по толку време рамислувам, вистинска среќа е што јас и моето семејство преживеавме, и тоа во населбата „Карпош“. Токму нашата зграда издржа и не се урна во земјотресот. Непредвидливи се патиштата во животот. Тоа е судбина!     

Станислав Фајдигер, пензионер

Би можело да ве интересира:

Како изгледа денес внукот на Тоше Проески? На светот не постоеше личност што Тоше Проески повеќе ја сака од неговиот внук К...
Вирална објава на Македонка: „Кога доаѓаш да живееш во зграда, дали доаѓаш од пештера или нива, треб... „Во зграда не го лупаш лифтот, не пушиш во лифт, не реновираш дома секој ден пос...
Скопје убаво си ни и покрај сè: Есенската идила во Градскиот парк (фото+видео) И додека тонеме во ѓубре и воздухот мириса на пластика и срцето нè боли за тоа ш...
Денес почнува божиќниот пост – кои денови се јаде риба, кога се пости на вода и од што да се откажет... Божиќниот пост ќе трае 40 дена, односно од 28 ноември до 6 јануари, во овој пери...
Македонка со трогателна објава за свекрвата што ја изгуби: „Спокој ми дава што син ми ја имаше во жи... „И кога ќе ви кажат „со време поминува сè, воопшто да не верувате. Баш затоа што...
Јелена Спенџарска изреволтирана: „Пред камери мед и млеко им тече од уста, тие се најчесни - Луѓе, з... „Сигурно познавате личности што пред вас се „ми-ми-ми“, „хи-хи-хи“, а всушност с...

Најчитани неделава