Стари македонски легенди за имињата на градовите: Приказните за Дојрана, Кочо и оризот и за куќите градени со вино наместо вода


Стари македонски легенди за имињата на градовите: Приказните за Дојрана, Кочо и оризот и за куќите градени со вино наместо вода

Градот Скопје го добил своето име по неговите стари називи Скупи и Стоби, Крива Паланка поради кривото корито на реката Крива кое тече ние градот, а Кратово според вулканскиот кратер на кое е сместен. Но, дали сте ги чуле старите легенди за имињата на градовите Дојран, Виница и Гевгелија?

stari-makedonski-legendi-za-iminjata-na-gradovite-prikaznite-za-dojrana-kocho-i-orizot-i-kukjite-gradeni-so-vino-namesto-so-voda-01.jpg

Калето, Старата чаршија, Крстот на Водно и прекрасниот кањон Матка се симболите на Скопје, Охрид е познат по езерото и сета природна убавина околу него надополнета со старите цркви и манастири, Дојран по највкусната рибја чорба и лековитата вода на езерото, Кочани по оризовите полиња, а гордоста на Струга се Дрим и Струшките вечери на поезијата…

Секој град во Македонија има свој симбол, свој личен потпис во нашата историја, но она што е мошне интересно за секој град се старите легенди, пренесувани од колена на колено, за тоа како тие ги добиле своите имиња. Тоа се стари приказни, дел од богата македонска ризница на легенди и митови, кои сведочат за едни дамнешни времиња, приказни за неостварени љубови, широки полиња и езера богати со риба, херои и недопрената природна убавина која нашата мала земја ја има во изобилие.

Градот Скопје го добил своето име по неговите стари називи Скупи и Стоби, Крива Паланка поради кривото корито на реката Крива кое тече ние градот, а Кратово според вулканскиот кратер на кое е сместен. Но дали сте ги чуле старите легенди за имињата на градовите Дојран, Виница и Гевгелија?

Дојран: Легендите за Дојрана и турската војска

Малиот град Дојран е сместен на југот од Македонија на крајбрежјето на езерото за кое една стара легенда вели дека неговата лековита моќ ги излекувала раните на војниците на Александар Македонски. Старите имиња на Дојран се Тауријан и Полин, а за неговото денешно име постојат повеќе легенди меѓу кои најубава е за прекрасната мома Дојрана.

stari-makedonski-legendi-za-iminjata-na-gradovite-prikaznite-za-dojrana-kocho-i-orizot-i-kukjite-gradeni-so-vino-namesto-so-voda-03.jpg

Во градот Полин живеела Дојрана, убава, црнокоса девојка, најубава во својот крај и била заљубена во Лабин, локален овчар.

Нивната љубов била голема, но несреќна. Турски кајмакам се заљубил во неа и сакал да ја грабне да за ја носи во амамот. Лабин се обидел да ја спаси, но Турчинот го ранил со сабјата.

Со скршено срце и со крајните сили Дорјана успеала да избега и да го однесе Лабин на брегот на езерото, а таму за да не бидат заробени од аскерот, се удавиле. По убавата мома и нејзината верна љубов, народот го крстил езерото Дојранско, а градот Дојран.

Другата легенда пак за убавата Дојрана вели дека таа била мома која за да не биде потурчена се самоубила во водите на езерото.

Покрај овие убави стари македонски легенди за Дојрана, други приказни за името на градот Дојран се дека тоа влече корени од турскиот збор „далјан“, што во превод значи место, езеро, богато со риби.

stari-makedonski-legendi-za-iminjata-na-gradovite-prikaznite-za-dojrana-kocho-i-orizot-i-kukjite-gradeni-so-vino-namesto-so-voda-04.jpg

Виница: Куќите градени со вино наместо вода

Во подножјето на планината Плачковица, на брегот на реката Брегалница е сместен малиот град Виница. Се вели дека името на овој македонски град потекнува од зборот „вино“ поради многуте лозови насади во тој крај.

Старата легенда вели дека пред многу векови, овој крај го фатила тешка суша која траела со години. Поради недостигот на вода, локалното население куќите ги градело со вино, кое го имале во изобилие, па оттаму тој крај го добил името Виница.

Според други извори, името Виница потекнува од теракотните икони пронајдени под Виничкото Кале на кои биле испишани зборовите Винеа или Винце, за кои се верува дека посочуваат на старото име на овој македонски град.

stari-makedonski-legendi-za-iminjata-na-gradovite-prikaznite-za-dojrana-kocho-i-orizot-i-kukjite-gradeni-so-vino-namesto-so-voda-05.jpg

Кочани: Легендата за Кочо и оризот

Нема Македонец кој не го вкусил најдобриот кочански ориз, богатството на овој мал град вгнезден во истокот на државата даруван со плодна земја и природна убавина.

Една од најинтересните легенди за имињата на македонските градови е токму оваа за Кочани, за Кочо кој го донел белото злато дури од Кина.

Кочо бил вреден човек кој работел насекаде низ светот, дури и во Кина бил на печалба. Но, на крај решил да се врати во родниот крај, а со себе да понесе ориз, главното јадење на Кинезите, за да види дали ќе вирее во неговиот крај. На влез во тогашното Царство му рекле дека не смее да внесе ориз, но Кочо бил снаодлив и не се откажал во својата намера.

Па така купил неколку гуски кои го изеле оризот. Веднаш штом влегол во Македонија ги убил гуските и убаво го исчистил оризот, кој го насадил и ја сменил судбината на своите соселани. Во негова чест градот го носи името Кочани надалеку познато по своите полиња со квалитетен ориз.

Друга легенда пак вели дека овој град името го добил според свињите кои паселе на полињата и ливадите. Свињите биле чувани во „кочини“ па оттаму овој крај го добил името Кочани.

stari-makedonski-legendi-za-iminjata-na-gradovite-prikaznite-za-dojrana-kocho-i-orizot-i-kukjite-gradeni-so-vino-namesto-so-voda-06.jpg

Гевгелија: Дервишот кој ги проколнал мештаните

Градот Гевгелија е сместен близу границата со Грција, а поради топлата клима е познат по сочните овошки кои виреат само на тој крај, но и Негорските бањи со минерална и лековита вода.

За името на градот Гевгелија се раскажува интересна легенда, за дервишот кој се заљубил во овој крај.

Многу одамна, турски дервиш поминувал низ тие предели и му се допаднале поради добрата местоположба, климата и природата. Толку му се допаднале што решил да остане и да создаде свој дом.

Арно ама, локалното население исплашено од странецот, не го прифатило и веднаш го избркале. Тажен, но и гневен од лошите домаќини тој си заминал, но проколнувајќи ги.

Сфаќајќи ја својата грешка, но и малку исплашени од неговите клетви, мештаните го повикале дервишот назад. Тие го повикале со зборовите „гери-гел“ што значи „ела назад“, па оттаму се раѓа името Гевгелија.

Друго објаснување пак за постанокот на името на овој град е според турскиот збор gölgeli, што во превод значи место во кое има многу сенки.

stari-makedonski-legendi-za-iminjata-na-gradovite-prikaznite-za-dojrana-kocho-i-orizot-i-kukjite-gradeni-so-vino-namesto-so-voda-07.jpg

Струга: Јагула или стрижење на овци

Велат - како Струга нема друга, еден од нашите најубави градови, надарен и со природни и со културни богатства, на самиот брег на Охридското езеро и дом на Струшките вечери на поезијата и на браќата Миладиновци.

Овој град нè плени со живописната река Дрим, но и старата чаршија со дуќани со тешки дрвени кепеци.

Античкото име на овој град е Енхалон, што преведено од старогрчки значи јагула. Но, за името на овој убав македонски град се раскажуваат две приказни.

Првата легенда вели дека името Струга доаѓа од отворената географска положба на градот, место каде што постојано „струже“ или дува ветер.

Втората легенда пак раскажува дека некогаш многу одамна, македонските Словени во струшкиот регион се занимавале со сточарство и овците ги носеле на „стриг“ односно на стрижење на волната токму на истекот на Дрим од езерото, односно срцето на овој град.

stari-makedonski-legendi-za-iminjata-na-gradovite-prikaznite-za-dojrana-kocho-i-orizot-i-kukjite-gradeni-so-vino-namesto-so-voda-08.jpg

Многу приказни, легенди, стари и интересни, вредни да се раскажат на идните генерации Македонци, да за не се заборават. Која е легендата за името на Вашиот роден крај која сте ја слушнале од дедовците или мештаните?

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови  и фотографии е казниво со закон.

И. Ј.| Црнобело / фото: depositphotos.com

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg