Легенди за имињата на македонските села: Дворецот на цар Самоил, убавата Марија и мудрата Роса

Лазарополе: Приказните за Лазар и Калина

На висорамнина на планината Бистра е сместено селото Лазарополе - вистински планински рај со чист воздух и зелени ливади. Поради големата надморска височина, тешко било овде да се одгледуваат градинарски плодови, но затоа лазарополци имале големи стада овци.

Интересна е приказната за името на ова македонско село. Според старата легенда, ова село го добило своето име по Лазар, единствениот преживеан откако турските арамии го опустошиле селото и ги убиле селаните.

Овој крај во минатото често бил мета на турските арамии и војници, па така селскиот кмет имал тактика за криење. Во близина на селото е пештерата наречена Калина Дупка, каде селаните се криеле кога имало напади од турскиот аскер.

Во еден од нападите, мештаните се скриле во пештерата, па откако аскерот заминал, девојка по име Калина почнала да пее песна давајќи им знак на соселаните дека опасноста поминала. Но, еден турски војник кој бил повреден и заостанувал зад другите ја слушнал нејзината песна. Па, војниците се вратиле и запалиле голем оган на влезот на пештерата. Од густиот чад сите се задушиле и загинале, а преживеал само Лазар.

По долги години тој успеал повторно да го заживее селото и во негова чест му го дале името Лазарополе.

Според други раскажувања, ова село своето име го носи по старословенскиот поим „лазор“, што значи голем простор без шуми, па оттаму името Лазарополе буквално значи големо поле.

лазарополе.jpgфото: Википедија

Росоман: Роса и петлето

Во Тиквешијата е сместено селото Росоман. Мало и убаво село со плодна земја по течението на Црна Река. Но, она што е најинтересно за ова македонско село се легендите за постанокот на неговото име.

Според една легенда, ова село го добило своето име по девојката Роса, која за да се спаси од потурчување од турските војници скокнала во Црна Река и се удавила.

Според друга легенда, селото го добилo името по сопругата која го надмудрила својот сопруг. Тој бил трговец и често патувал од Прилеп кон Скопје, а секогаш застанувал да се одмори во еден ан. Бидејќи во тоа време не постоеле часовници, трговците носеле мали петлиња кои со своето кукурикање ги потсетувале на времето. Арно ама, трговецот милувал да седи во анот, а на неговата сопруга Роса тоа не ѝ се допаѓало.

Знаејќи за навиката на својот маж, Роса го врзала клунот на петлето во торбата, за тоа да не може да закукурика. Така, трговецот тргнал на пат, но петлето никако не пеело, така што тој постојано одел понатаму, без да направи одмор.

Во мугрите, тој пристигнал до анот кој се наоѓал на местото на денешен Росоман и дури тогаш забележал што му направила жената. Сфаќајќи дека бил насамарен, тој почнал да офка: „Росо аман, Росо аман…“ Оттогаш, сите трговци, кога се договарале каде да се чекаат, на шега велеле „кај Росо аман“ и така местото го добило името Росоман.

Според последната легенда, името на селото е инспирирано од росата на полињата и ливадите. Односно, селаните сметале дека толку многу роса е всушснот мана, па со спојување на зборовите „роса“ и „мана“ го смислиле името Росоман.

legendi-za-iminjata-na-makedonskite-sela-dvorecot-na-car-samoil-ubavata-marija-i-mudrata-rosa-04.jpgФото: Општина Росоман

Волково и Кучково: За волците од шумата и трудната кучка

Волково и Кучково се две села, едно по друго, во скопската котлина, познати по убавите излетнички места, старите цркви и чистиот планински воздух.

Селото Волково, порано познато како Вучидол или Волчи Дол, своето име го добило по волците кои живееле во шумата пред тој крај да биде населен. Мештаните велат дека порано волците доаѓале дури и до сред село во текот на зимата.

Патот за Кучково води низ селото Волково. Многу селани од Кучково, во потрага по подобар живот, се преселиле во Волково бидејќи било порамно и поблиску до градот. 

Кучково, пак, го добило своето име по кучката која овчарите од Овчеполието ја оставиле на патот кон Шар Планина со стадата овци. Секоја пролет, овчарите ги терале стадата кон шарпланинските ливади, а со нив како помошници носеле неколку кучиња. Една од нив била трудна, па овчарите ја оставиле во една грмушка на патот.

По неколку месеци, кон крајот на летото додека се враќале назад, овчарите биле изненадени кога на истото место кучката ги пречекала со нејзините кученца. Во нејзина чест, таа месност ја нарекле Кучково, а тоа што преживеала сама значи дека имало храна и вода, па подоцна почнале и да се населуваат на тој крај.

волково.jpgфото: Википедија

Многу села, многу легенди

За селото Кривогаштани се раскажува дека го добило името бидејќи селаните ги носеле своите носии „гашти“ на криво, а селото Прдејци своето необично име го добило по фамилијата Прдевци.

Скопското село Лисиче го добиле своето име поради лисиците кои порано живееле во местото каде Маркова Река се влева во Вардар. Селото Орланци, пак, своето име го добило по птиците грабливки кои често го надлетувале.

Овие стари легенди и приказни се дел од нашата македонска култура и треба да продолжиме да ги раскажуваме за идните поколенија да не ги заборават нивните корени.

И. Ј. | Црнобело



Би можело да ве интересира:

Лила во секси црвен костим за капење од плажа во Дубаи го честита 1-ви Мај „Сè можете да ми кажете, што сакате кажете, ама како да си го живеам својот живо...
Кристина Димитри по јавните критики на нејзина сметка: „Поминав низ пекол, јас сум и мајка и татко н... „Жените денес не знаат што сакаат. Живеат од парите на мажот, а мислат дека се б...
Скопјанката Моника кажа „да“ на Саемот за венчавки: Саканиот ја запроси на ревија, додека носеше кре... „Иако долги години сме во врска, не помислив дека мојот сегашен вереник ќе собер...
Тамара Тодевска на викенд со децата во Маврово: Зимски лудории на Хана и Дарен Тамара Тодевска ужива во Маврово со своите две деца и споделува на Инстаграм как...
Каролина зрачеше со сексапил на концертот во Скопје: „На 1-ви март добивам повеќе честитки отколку н... Каролина повторно покажа зошто е нашата поп-кралица: два часа пееше и играше, а ...
Уникатни имиња на децата на познатите Македонци: Гаиа, Кира, Киан Катарина Ивановска ја има ќерката Кира, Слаткар го крсти синот Моша, а Тони Зен ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg