Бев на снимањето на новиот филм на Милчо Манчевски - Како си поминав зад сцената?
„Дојди да видиш каде снимаме, како изгледа сетот во живо. Па ќе одиме после во режија, да видиш како изгледа сето ова на камера“, ми рече режисерот Милчо Манчевски, кој заедно со сите од екипата направија да го доживеам снимањето на филмот „Збогум Копакабано“ од сосема поинаков агол.

На снимањето на „Збогум Копакабано“ (Leaving Copacabana), новиот филм на Милчо Манчевски, бев на најверојатно најжешкиот ден летово.
Имаше 43 степени кога пристигнав на локацијата - скопскиот Аквадукт, кој сум го посетила многупати, и каде што знам дека преку лето е „пекол“ - нема сенка, дрвја, нема каде да се сокриеш од сонцето.


Па баш затоа, очекував дека кога ќе стигнам, на сетот ќе видам намуртени лица, нервозни луѓе кое не можат да дишат, зашто, нели, жешкото си го прави своето. Колку само не бев во право.
И покрај жештината, сите беа расположени, насмеани, ведри - новиот ден за снимање штотуку почнуваше, сетот беше спремен, а сите како да чекаа да слушнат „Акција!“.


А тогаш стануваше неверојатно тивко.
Зад сводовите на Аквадуктот можеше да се слушне само звукот на ветерот кој дуваше, и гласовите на Сара Климоска и Филип Трајковиќ, кои, влезени во улогите на братот и сестрата, ги изговараа своите реплики.
Како вистински домаќин, срдечно ме пречека продуцентот Јане Ќортошев.


Ме праша дали првпат доаѓам на филмско снимање и ми кажа дека во еден од црните шатори каде што се снимаше дента, дизајнерот на продукција, Дејвид Манс „изградил“ трошна куќарка во која „живеат братот и сестрата“.
Па, откако Сара и Филип ја завршија сцената, им се придружи Милчо.
„Дојди да видиш каде снимаме, како изгледа просторијата во живо. Па ќе одиме после во режија, да видиш како изгледа сето ова на камера“, ми рече Манчевски.


Не требаше да ми повтори двапати. Влегов по него во просторијата - а таму Сара и Филип разговараат за сцената.
Ако надвор беше 40+, во импровизираната куќарка сигурно беше многу повеќе. Но, имав чувство како тоа да не им пречи.


