Гол маж на сцената, легендарната шлаканица: Најконтроверзните моменти на Оскарите низ историјата
Во 1973-та, Марлон Брандо одби да си ја земе статуетката, следната година гол маж истрча на сцена, а во 2022-ра, Вил Смит му ја удри легендарната шлаканица на Крис Рок.

Оскарите се најпознатиот и најпрестижниот настан во филмската индустрија кој се одржува од далечната 1929 година.
Иако секогаш организацијата е беспрекорна, со постоење од скоро цел век, нормално е повремено да има и скандали.
Дел од најголемите контроверзии на Оскарите, низ годините:
Рекордно долгиот говор на актерката Грир Гарсон
На Оскарите има правило за победниците – кога ја добиваат статуетката, нивниот говор не смее да трае подолго од 45 секунди. Но, ова не важело во минатото.
Во 1943 година, актерката Грир Гарсон доби Оскар за најдобра главна улога во филмот Mrs. Miniver.
„Ви благодарам. Навистина тоа е сè што може да се каже, но бидејќи ова е сепак шанса која се случува само еднаш во животот, се надевам дека нема да ви пречи ако го развлечам тој збор само малку“, почна Грир.
И, продолжи со говор кој траеше нешто повеќе од шест минути.
Оттогаш, победниците добиваат инструкции ад држат што е можно пократки говори, додека од 2010-та и официјално им е забрането да зборуваат на сцената подолго од 45 секунди.
Марлон Брандо ја одби статуетката
За Марлон Брандо се вели дека е првата личност која ги искористила Оскарите како политичка платформа.
Во 1973 година, тој доби Оскар за најдобра главна улога во The Godfather, но не присуствуваше на церемонијата.
Наместо тоа, испрати млада Индијанка, воедно и активистка, да ја прифати наградата.
„Многу жали што не може да ја прифати оваа награда. Причината за ова е третманот на Индијанците во филмската индустрија“, изјави девојката која се појави во традиционален фустан.
Гестот беше пречекан со аплауз, но и со свиркање.
На сцената се појави гол маж
Во 1974 година, кога на сцената требаше да излезе Елизабет Тејлор за да ја презентира наградата за најдобар филм, на сцената излезе активистот и фотограф Роберт Опел потполно гол.
Изненадувачки, тогаш активистот не беше уапсен, ниту избркан од настанот, туку му дадоа можност да одржи кратка прес-конференција.
„Луѓето не треба да се срамат од голотија во јавност. Покрај тоа, ова е многу добар начин да се лансира кариера“, им рече тој на новинарите.
За жал, ова не му донесе слава на Роберт и медиумите единствено пишуваа за него неколку години подоцна, откако беше застрелан и убиен.
Адриен Броди ја бакна Хали Бери без дозвола
Во 2003 година, Адриен Броди освои Оскар за најдобра главна улога за филмот The Pianist.
Наградата ја презентираше Хали Бери, а кога се качи на сцената, актерот присилно ја бакна.
Моментот беше критикуван, а додека Адриен го држеше говорот, Хали бери постојано си ја бришеше устата.
Ворен Бити и Феј Данвеј прославија погрешни победници
Во 2017 година, холивудските легенди Ворен Бити и Феј Данвеј ја презентираа наградата за најдобар филм.
Ворен Бити кажа дека победникот е La La Land и целата екипа од филмот се качи на сцена.
Тие дури почнаа да држат и говори, кога еден од продуцентите најави дека била направена грешка и победникот е Moonlight.
Шлаканицата
Дефинитивно најзборуваниот момент од историјата на Оскарите е шлаканицата на Вил Смит од 2022-ра.
Целата драма започна кога Крис Рок ја презентираше наградата за најдобар документарец и кажа шега на сметка на Џејда Пинкет Смит.
Тој се пошегува за тоа што таа нема коса, веројатно не знаејќи дека Џејда има алопеција.
Џејда ги преврте очите, а неколку секунди подоцна, Вил Смит се качи на сцената и му удри шлаканица.
Спирова С. | Црнобело
