Забавни и непријатни моменти од Оскари 2026 + најсмешните твитови за настанот
Леонардо ди Каприо беше прогласен за „крал на мемињата“, Тимоти Шаламе беше мета на многу шеги, Шон Пен освои Оскар, но не се ни појави, а Педро Паскал беше без препознатливите мустаќи и брада.

Синоќа (15.03) се одржа 98-то издание на Оскарите, во театарот „Долби“ во Лос Анџелес.
Во големата конкуренција, One Battle After Another постигна најголем успех со дури шест статуетки, вклучувајќи ја и главната награда – најдобар филм.
Филмот доби Оскар и за најдобра режија (Пол Томас Андерсон), како и најдобро адаптирано сценарио.
Шон Пен доби Оскар за најдобар актер во споредна улога во истиот филм, но Леонардо ди Каприо, кој ја има главната улога во филмот, си замина со празни раце.
Sinners имаше рекордни 16 номинации, а победи во четири категории.
Мајкл Б. Џордан освои Оскар за најдобар актер во главна улога за изведбата во Sinners, и тоа во конкуренција со Леонардо ди Каприо, Итан Хок и Тимоти Шаламе.
За најдобра актерка во главна улога беше прогласена Џеси Бакли за изведбата во Hamnet, додека Ејми Медиган освои Оскар за најдобра актерка во споредна улога, за изведбата во Weapons.
Церемонијата траеше нешто повеќе од три часа, а како и мината година, водител на настанот беше Конан О’Брајан.
Иако некои го опишаа настанот како малку здодевен, сепак и годинава имаше забавни, но и неколку непријатни моменти.
Дел од моментите што ги одбележаа Оскари 2026:
Леонардо ди Каприо беше прогласен за „крал на мемињата“
Со години наназад, гримасите на Леонардо ди Каприо и на настани, и од филмови, се претвораат во вирални мемиња.
Па, водителот Конан О’Брајан се пошегува за ова – Додека на видеобимот беа прикажани неколку популарни мемиња со ди Каприо, водителот изјави:
„Тој е ѕвезда на толку многу филмови и кралот на мемињата“.
Потоа го натера да направи ново меме, а кога камерата се сврти кон актерот, тој се насмевна и изгледаше малку збунето.
Тимоти Шаламе беше мета на шеги
Неодамна Тимоти Шаламе беше критикуван за изјавата дека на никој не му е гајле за опера и балет.
Очекувано, водителот се пошегува за ова:
„Обезбедувањето е засилено вечерва. Само ќе го спомнам тоа… Ми кажаа дека има загриженост за напади од заедниците на балетот и операта… Само се лути што го изостави џезот“.
Актерот не изгледаше најрадосен за шегата и само нервозно се насмеа.
Реакцијата на Тимоти Шаламе кога (повторно) изгуби
Тимоти Шаламе беше номиниран за најдобар актер во главна улога за изведбата во Mary Supreme, но и годинава не победи – наградата му ја зеде Мајкл Б. Џордан.
Слично како лани, кога изгуби од Едриен Броди, Тимоти беше видно разочаран и годинава, иако му одаде почит на Мајкл Б. Џордан со скромен аплауз.
Шон Пен доби Оскар, но не присуствуваше
Шон Пен освои оскар за најдобар актер во споредна улога за изведбата во One Battle After Another, но не се појави на настанот.
Наградата ја презентираше Киран Калкин кој суптилно го искритикува:
„Шон Пен не можеше да присуствува вечерва или не сакаше, па јас ќе ја прифатам наградата во негово име“.
Познати актери не беа спомнати во сегментот за починатите
Како и секоја година, на Оскарите им се оддава почит на актерите, но и вработените во филмската индустрија кои починале изминатата година.
Но, овој пат беа изоставени навистина големи ѕвезди – Ерик Дејн, Џејмс Ван Дер Бик, па дури и Брижит Бардо.
Новиот изглед на Педро Паскал
Педро Паскал се појави без препознатливите брада и мустаќи, па предизвика лавина реакции со новиот изглед.
Некои се шегуваа дека е восочна фигура, а други само прокоментираа дека не го познале.
Испадот на Тејана Тејлор
Актерката Тејана Тејлор беше снимена како се расправа со некој.
Не е познато што точно се случило, но наводно непознат маж ја допрел и ја турнал, па актерката се разгневила.
