Дина Дума ја освои Nora Ephron Award: Tribeca ја препозна како силен женски авторски глас

Дина Дума е првата македонска режисерка што ја добива Nora Ephron Award на Tribeca Festival.

dina-duma-ja-osvoi-nora-ephron-award-tribeca-ja-prepozna-kako-silen-zhenski-avtorski-glas-001.jpg

Режисерката Дина Дума ја освои Nora Ephron Award на Tribeca Festival во Њујорк за својот втор долгометражен филм „Скејтбордингот не е за девојчиња“, кој ја имаше својата светска премиера во рамки на фестивалот.

Nora Ephron Award е специјално признание што се доделува на исклучителна жена филмска авторка која го претставува духот и визијата на легендарната американска сценаристка, режисерка и писателка Нора Ефрон. Со ова признание, Tribeca ја препозна Дина Дума како силен женски авторски глас на меѓународната филмска сцена.

Во образложението на жирито се истакнува дека Нора Ефрон претставува пример за тоа како јасен женски авторски глас во патријархален свет може да отвори врати за многу други. „Делото на Ефрон често го поставуваше прашањето: како жените преживуваат во непријателски свет? Нашиот избор за добитничка на оваа награда одговара на тоа прашање на многу начини“, се наведува во одлуката на жирито.

Жирито го опиша филмот „Скејтбордингот не е за девојчиња“ како лирски и политички, допирлив и автентичен, трогателен и топол, а истовремено проткаен со радост и хумор. Во образложението дополнително се истакнува дека, давајќи им глас на оние кои најчесто остануваат без глас, Дина Дума ја воведува публиката во посебно, длабоко човечко искуство, преку конкретни ликови кои ја слават солидарноста и семејството.

„Скејтбордингот не е за девојчиња“ беше дел од International Narrative Competition, главната меѓународна натпреварувачка програма на Tribeca Festival.

„Скејтбордингот не е за девојчиња“ е во продукција на „Сестри и брат Митевски“, со продуцентка Лабина Митевска, по сценарио на Дина Дума, Лидија Мојсовска и Теона Стругар Митевска. Во главните улоги се Ефќар Абаз, Симонида Селимовиќ, Џефрина Јашари и Ганимет Абдула. Филмот е копродукција меѓу Северна Македонија, Белгија, Словенија и Хрватска, со поддршка од Агенцијата за филм на Северна Македонија, Eurimages, Creative Europe MEDIA и фондови од земјите копродуценти.

Со Nora Ephron Award, Дина Дума добива едно од значајните специјални признанија на Tribeca Festival, кое го истакнува значењето на женската авторска перспектива, храброста да се раскажуваат комплексни приказни и силата на филмот да отвори простор за гласови кои ретко добиваат видливост на големата сцена. Наградата има и паричен фонд од 25.000 долари, како директна поддршка за понатамошниот авторски развој и за создавање нови филмски проекти.

Би можело да ве интересира:

Бев на „Свадба“ во кино, се смеев со солзи и си отидов расположена - Зошто би го гледала филмот пак? За себе сметам дека имам поинаква (да не речам чудна) смисла за хумор, а на рабо...
Зошто новиот филм за Мајкл Џексон е остро критикуван (иако руши рекорди)? Ќерката на Мајкл Џексон изјави дека во филмот има многу лаги и невистини и затоа...
Актери кои освоиле Оскар секојпат кога биле номинирани Кристоф Волц има освоено две статуетки за споредна улога, и тоа во филмови на Кв...
Се снима забранетиот филм на Манчевски Најтрофејниот македонски режисер Милчо Манчевски на 15 јули почнува да го снима ...
Штркот Силјан вечерва ќе слета на Менхетн – премиера на филмот на Тамара Котевска Вечерва во легендарниот IFC Center во Њујорк ќе се одржи американската премиера ...
3 години снимање во екстремни услови му донесе на Силјан нова номинација - исклучителен продуцент/и ... Документарниот филм „Приказната за Силјан“, откупен за глобална дистрибуција од ...

Најчитани неделава