Катерина (19) од Прилеп дома има 150 книги: „Сестра ми од дете ме носеше во библиотеки, така се вљубив во читањето“
„Прва книга која ја прочитав, а не е лектира, е „Централ парк“ од Гијом Мисо, на мои 12 години. Оттогаш се „навлеков“ на книгите и првенствено трилерите како жанр“, вели Катерина Милевска и за читателите на CRNOBELO.com препорача три книги.

Катерина Милевска (19) од Прилеп е креатор на профилот @reading.with.katee, посветен на книгите и читањето.
Идејата за креирање на букстаграм профил, вели, ја добила сосема спонтано, поттикната од големата љубов кон пишаниот збор.
Денес има домашна библиотека која полека расте, а во моментов брои 150 книги.

За својата љубов кон читањето, за CRNOBELO.com, таа вели:
„Читам уште од мала. На почеток ги читав само лектирите за на училиште, а подоцна се вовлеков и во белетристика.
Љубовта кон книгите ја наследив од сестра ми, која секогаш ме носеше по библиотеки, и знаев дека еден ден ќе станам страстен вљубеник во читањето.

Прва книга која ја прочитав, а не е лектира, е „Централ парк“ од Гијом Мисо, на мои 12 години. Оттогаш се „навлеков“ на книгите и првенствено трилерите како жанр.
Подоцна почнав да читам и други автори и да се пронаоѓам во различни жанрови.

Немам омилен жанр на книги, сакам да читам сѐ. Книгите ги бирам обично според расположение.
Омилени автори имам повеќе, тука би ги спомнала: Крис Картер, Кристин Хана, Џудит Мекнот, Памела Клер...

Мојата домашна библиотека брои околу 150 книги и сите купени со огромна љубов.
На прашањето колку пари трошам за книги, не би можела да издвојам колку би било тоа на месечно ниво, но само ќе кажам дека кога има попусти не знам да се контролирам“.
