Маријана од Скопје: „На 10 години со заштедени 150 денари си ја купив првата книга“
„Мојата домашна библиотека има околу 700, а библиотеката на моите две мали ќеркички веќе е над 100 книги. Тие, исто така, уживаат во откривањето нови магични светови, па сметам дека нема ништо поубаво од тоа кога ќе се пренесе љубовта кон читањето и книгите на твоите деца“, вели Маријана Илиоска Пајдакова за CRNOBELO.com.

Маријана Илиоска Пајдакова е сопственик на букстаграм профилот @booklovers.mk, место каде што постојано споделува свои впечатоци за прочитаните книги, разменува мислења со другите љубители на книги...
Од неодамна е членка и на книжевен клуб, па на средбите со останатите членови на клубот, разговараат за истата книгата што ја читаат сите.
Својата љубов кон пишаниот збор ја пренела и на ќерките, кои и самите имаат своја библиотека со околу 100 книги, додека во домашната библиотека на Маријана има над 700 книги.

За својата љубов кон читањето, но и за нејзините книжевни препораки, таа раскажа за CRNOBELO.com:
„Мојата љубов кон читањето започна буквално од ‘мали нозе’. Сè уште се сеќавам дека кога имав 10 години, со мои заштедени 150 денари си ја купив мојата прва книга од локалната трафика, и тоа „Хрониките на Нарнија - Лавот, вештерката и орманот“.

Тоа чувство дека ќе навлезам во уште еден нов свет беше неописливо и возбудливо.
До седмо одделение веќе ги имав прочитано сите книги во училишната библиотека и потоа се префрлив во градската библиотека „Браќа Миладиновци“.

Со купување книги почнав по завршување на средното образование и денес бројот на книги во мојата домашна библиотека изнесува околу 700, а библиотеката на моите две мали ќеркички веќе е над 100 книги.
Тие исто така уживаат во откривање на нивни нови магични светови, па сметам дека нема ништо поубаво кога ќе се пренесе љубовта кон читањето и книгите на твоите деца.

Книжевниот свет не само што ми донесе безброј книги, туку и многу искрени книжевни пријателства каде што секојдневно се разменуваат мислења, ставови и споделени емоции за книгите што ги читаме.
Од неодамна се основа и првиот читателски клуб од страна на Арс Ламина, Offline book club, каде што еднаш во месецот има дружба и се дискутира за книгата која била одбрана да се чита тој месец. Ова е едно поинакво доживување во читателскиот свет“, вели Маријана.
