Наум Петрески му ја посвети на Андреј ДНК безвременската „Ако умрам ил загинам“- пријателство раскажано низ фотки и музика
Пријателството на Наум Петрески и Андреј Ѓорѓиески, кое траеше со години, до трагичното загинување на пејачот на ДНК во дискотеката во Кочани, сега е преточено и во видео, со неколку заеднички фотографии.

Наум Петрески ја препеа безвременската „Ако умрам ил загинам“ од Јонче Христовски, како дел од проектот „Македонијо, во срце те носиме“.
Неговата емотивна изведба е дополнета со видео, во кое тој со публиката сподели неколку фотографии, кои ќе останат како вечен спомен на пријателството што го имаше со Андреј ДНК.

Двајцата музичари беа толку блиски, што Андреј честопати за Наум знаеше да каже дека го чувствува како втор татко.
Наум, пак, неколкупати ја сподели својата болка по големата загуба на близок пријател и колега, а сега преку спотот за новата песна, реши да го овековечи нивното пријателство и за него да сведочат и идните генерации.

Песната од маестралниот Јонче Христовски е во нова визија, со аранжман на Николче Мицевски.
Како дел од вториот дел на проектот се и песните: „Не кажувај либе добра ноќ” (Огнен Здравковски), „Како пиреј” (Ламбе Алабаковски), „Се собрале комитите” (Миле Кузмановски), „Како што е таа чаша” (Спасен Силјаноски), „Ја излези стара мајко”(Марија Спасовска).

Тука се и „По друм одам мајче“ (Мина Блажев), „Горда Македонка“ (Зуица Лазова), „Запејте сите ангели“ (Бојана Скендеровски), „Нека живеј Македонија“ (Сузана Спасовска), „Мајко силна“ (Александар Тарабунов) и „Каде сте Македончиња“ (Андријана Јаневска), а е во организација на Скендеровски продукција.

Погледнете го видеото:
https://www.youtube.com/watch?v=q4vNJJQP_t8
Прочитајте и Храбар до последниот здив, хуманитарец во душа - Сеќавање на Андреј Ѓорѓиески од ДНК
А. Ј. | Црнобело