Дац и Александар со нова песна „4 страни“, по две години пауза
По речиси две години пауза од нивната последна песна, популарното дуо Дац и Александар ја објавија новата песна – “4 страни”, која од денес е достапна на сите радио станици и дигитални платформи.

Станува збор за уште една темпераментна љубовна приказна во нивниот препознатлив романтичен и боемски стил, создадена со голема посветеност и врвна музичка екипа.

Промоција што веќе ја освои публиката
Иако официјалната премиера е денес, песната веќе две недели се „тестира скришно“ на настапите низ Македонија и, како што велат фановите, “фаќа на прва”.
Авторот Александар Митевски открива дека зад “4 страни” стои долготрајна работа и бројна екипа музичари, а во песната учествуваат и нивните блиски соработници Ташко Грујовски, трубачите од Brasstes Skopje и виртуозот на бузуки – Трајче од “Бузуки Бенд”.

Видео со младешка енергија
Истовремено, на 2 септември на YouTube премиерно се појавува и видеото за песната. Во него, Дац и Александар решија да го спојат своето искуство со свежата младешка енергија.
Главните улоги им ги доделија на прекрасните Клара Кокев и артистот омилен кај младата публика Давид, познат како Јанг Дади.

Видеото е снимено на повеќе локации низ Скопје и претставува мост меѓу носталгичното старо и модерното урбано Скопје.
Визуелен заштитен знак е ретро Vespa мотор, кој симболично ги претставува љубовта и нивните заеднички патувања на сите страни на светот. Атмосферата дополнително ја збогатија и моторџиите од Vespa клуб Скопје.

Љубовна порака со четири страни
„Светот има четири страни, а јас само една – ти“ – токму овој стих ја пренесува силната порака на песната.
Со “4 страни”, Дац и Александар повторно ја слават љубовта, оставајќи простор за носталгија, емоции и убави сеќавања.

Септември во знакот на “4 страни”
Дуото најавува дека целиот месец септември ќе биде посветен на промоцијата – со журки низ Македонија, каде публиката ќе има можност да го пее новиот рефрен заедно со нив.
„Искрено посакуваме и оваа песна да си го најде патот до срцето на секој што ќе ја слушне,“ велат Дац и Александар.
