Маестрален настан со многу душа: Зошто ме трогнаа Сара Мејс и девојките на сцената на Филхармонија?
Едни од најмоќните и најдоминантни вокали во Македонија, во комбинација со танц, глума и совршените звуци на харфата на Сара Мејс ни донесоа магија во Скопје. Но, кулминација на вечерта беше кога заразната енергија се пренесе на целата публика, а ќеркичката на Сара Мејс се фати за микрофонот.

4 девојки, синхронизирани до совршенство, 4 вокали кои будат восхит... Сара Мејс и девојките (Sarah Mace & The Girlzz) душа ни стопија на сите присутни на нивниот голем предновогодишен концерт во Македонска филхармонија во Скопје, кој се одржа вчера (29.12), со почеток од 20 часот, како дел од нивниот декемвриски музички караван „Нека трепка“.
Сара Мејс, заедно со Ана Петановска, Калина Велковска - Кали и Теа Богатинова блеснаа во придружба на Божиќниот оркестар под диригентската палка на Иван Еминовиќ.

Ни ја донесоа, па и честитаа 2026-та година предвреме, нè натераа (нас, присутните во публиката) да пееме со нив, но и нè насмеаја уште на самиот старт од настанот со забавно сценарио каде диригентот Иван Еминовиќ ја бараше својата изгубена диригентска палка.

И на сцената Сара ни донесе елеганција, Калина моќ, Ана доминација, Теа умереност, односно сите заедно беа совршен сплет од сето ова и ни подарија одлична вокална интерпретација, зачинета со доза танц и глума, баш онака светски, во кабаре стил.

И покажаа дека Македонија има многу со што да се гордее на музички план, а така завидни вокали, треба допрва да го живеат своето време и за нив самото небото да биде граница.

Имаат и глас и фацијална експресија и однесување на сцена.
Ни ги отпеаја најпознатите светски новогодишни и божиќни песни, но посветија дел од концертот и на традицијата, на она исконското, изворното, а Сара Мејс на нејзината харфа?
Буквално совршена! Вистински мевлем за душа!

Енергијата на диригентот? Игрива на моменти, но крајно фокусирана и професионална. Исто како и целиот оркестар.
Девојките во долги светкави тоалети, со Дедо Мраз на сцената, па и со некое подароче за присутните во првиот ред, направија шоу за паметење.

А моментот на кој кулминираше позитивната енергија?
Тоа е моментот кога на сцената се качија децата на Сара, Илина и Кирил, заедно со низа другарчиња, а сцената со својата детска палавост, а Илина и со совршениот глас, кој самоуверено го покажа кога запеа на микрофонот по стапките на мама, ја претворија во вистинска новогодишна бајка.

А таква бајка ни требаше!
И токму таква си посакуваме да биде новата 2026-та и за Sarah Mace & The Girlzz и за сите нас.
Постојат 4 години, имаат една авторска песна и многу настапи зад себе. Им посакуваме уште тон успеси, затоа што заслужуваат.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
С. С. | Црнобело