Мартинијан Кириловски и Драгана Јовановска ги споија гласовите во првиот дует – „Луди и наивни“ љубовна приказна што освојува на прво слушање
Понекогаш се доволни само неколку ноти за да сфатите дека пред вас е песна што нема да остане незабележана. Токму таква е „Луди и наивни“, првиот заеднички музички проект на Мартинијан Кириловски и Драгана Јовановска, кој од денес е достапен на YouTube и на сите дигитални музички платформи.

Со модерен поп-звук, суптилен регетон ритам и искрена емоција, „Луди и наивни“ носи приказна за љубовта што не признава правила. За чувствата што нè тераат да веруваме без резерва, да ризикуваме, да простуваме и, понекогаш, да бидеме токму она што го носи и самиот наслов, луди и наивни.
Зад музиката, текстот и аранжманот стои Роберт Билбилов, автор кој со години создава хитови што остануваат да живеат меѓу публиката. И овојпат неговиот препознатлив музички печат резултира со композиција која уште при првото слушање остава силен впечаток.
Целата приказна добива дополнителна димензија преку видеоспотот во режија и продукција на Алек Тасевски | Eye Contact, кој со внимателно изградена визуелна естетика ја следи емоцијата на песната и ја претвора во впечатлива музичка слика.
Иако ова е нивна прва соработка, Мартинијан и Драгана звучат како музички тандем кој долго време чекал да се случи.
Нивните вокали природно се надополнуваат, создавајќи искрен дијалог исполнет со емоција, динамика и хемија што се чувствува во секој стих.
Мартинијан Кириловски не ја крие возбудата што неговиот прв дует конечно ја гледа светлината на денот:
„Навистина сум среќен што ‘Луди и наивни’ конечно е пред публиката. Ова е мојот прв дует во кариерата и ми е особено драго што токму со Драгана ја создадовме оваа музичка приказна.
Од самиот почеток почувствував дека песната има посебна емоција и верувам дека многумина ќе се пронајдат во неа. Ми беше чест да соработувам со Роберт Билбилов, кој направи извонредна песна, со Алек Тасевски кој склопи одличен видеозапис, како и со целиот тим што работеше на овој проект.
Искрено се надевам дека публиката ќе ја прифати ‘Луди и наивни’ со истата љубов со која ние ја создававме.“
За Драгана Јовановска, оваа песна е резултат на искрена енергија и тимска работа:
„Ова беше прекрасен проект на кој работевме со многу љубов и посветеност и мислам дека имаме една преубава летна песна.
Благодарна сум на Роберт Билбилов за довербата, на Мартинијан за прекрасната соработка и на целиот тим што беше дел од оваа приказна. Верувам дека ‘Луди и наивни’ ќе допре до публиката и ќе остане да се слуша долго.“
„Луди и наивни“ не е само уште една нова песна. Таа е првата заедничка музичка страница на Мартинијан Кириловски и Драгана Јовановска, страница исполнета со искрени емоции, современ звук, подготвена да стане саундтрак на летото за сите оние што веруваат дека најубавите љубовни приказни секогаш почнуваат тогаш кога сме доволно храбри да бидеме – луди и наивни.