Што е „супер Ел Нињо“, феноменот кој може да ни донесе многу жешко лето (и каква штета би предизвикал кај нас)?
Веројатноста дека годинава ќе видиме многу силен Ел Нињо феномен е значително зголемена.
Во комбинација со климатските промени, но и веќе ослабената економија поради многуте војни, постои можност да има големо влијание врз сите нас, особено земјите кои излегуваат на Тихиот Океан.
Треба да се нагласи дека дури и да се формира „супер“ Ел Нињо, не значи дека ќе дојде крај на светот. Но, експертите предупредуваат дека може да се соочиме со повеќе катастрофи од вообичаено.
Кои се најлошите сценарија што би можеле да се случат поради „супер“ Ел Нињо?
Суша
Областите во кои Ел Нињо и онака предизвикува сушен период сега може да се соочат со уште поголема суша.
Ова значи дека постои можност да изумрат многу култури, што, пак, би имало влијание на цената храната.
Ризик од пожари
Ел Нињо може да го зголеми и ризикот од пожари во некои области.
На пример, во Јужна Америка, Ел Нињо ги намалува врнежите во дождливата сезона. Ова значи дека вегетацијата ќе биде посува и посклона кон пожари.
Обилни врнежи
Од друга страна, на некои места Ел Нињо може да предизвика пообилни врнежи.
Кога феноменот е активен, САД, Јужна Америка, како и делови од Африка и Азија обично имаат пообилни врнежи.
Во случај на „супер“ Ел Нињо, овие врнежи би можеле да доведат до поголеми поплави кои можат да предизвикаат материјална штета, но и да одземаат човечки животи.
Намален број на риби
Поради Ел Нињо, во делови од Тихиот Океан студената вода нема да се издигне од длабочината.
Поради ова, многу видови риби, како сардини, ќе останат без доволно храна.
Ова ќе ја намали храната и за поголемите риби, односно предаторите, кои ќе почнат да мигрираат подалеку од вообичаено.
Рибарите од Калифорнија и Мексико, па сè до Перу и Еквадор ќе имаат помал улов, а ова е проблем бидејќи во голема мера, исхраната на луѓето од овие области зависи од океанот.
Зголемени геополитички тензии
Намаленото производство на храна и нејзината зголемена цена може да почне да создава и геополитички тензии.
Сосема возможно е и земјоделците да почнат да користат повеќе ѓубрива, со цел да надополнат за влошените временски услови, а моментално има тензија меѓу неколку држави кога е во прашање извозот на ѓубрива, но и состојки кои се потребни за нивно производство.
Можно е намаленото производство на храна и ослабената економија да доведат и до граѓански немири.
Зачестени здравствени проблеми
Поради натпросечно високите температури, луѓето кои веќе имаат некакви проблеми со здравјето може да бидат изложени на уште поголем ризик додека трае Ел Нињо.
Дури и луѓето кои се релативно здрави, но се занимаат со земјоделство, градежништво и слични професии кои бараат работа на отворено, може да ги почувствуваат последиците.
Европските земји се помалку засегнати
Бидејќи Европа (а со тоа и Македонија) се далеку од Тихиот Океан, ние не би требало да се соочиме со толку многу катастрофи во случај на „супер“ Ел Нињо.
Кај нас, овој феномен има повеќе индиректно влијание и иако не е толку силно, доколку се формира „супер“ Ел Нињо, можно е да се соочиме со многу потопли и посуви лета, како и зими со нестабилно време.
Овде е и зголемениот ризик од пожари и поплави.
Во комбинација со климатските промени и веќе високите температури во лето, ова сепак би било проблем, иако не толку голем како за земјите од Пацификот.
Спирова С. | Црнобело