Дуа Липа конечно потврди дека се свршила: „Ќе остареме заедно – сакам деца, но не знам како ќе функционира тоа со мојата работа“
- Детали
- петок, 13 јуни 2025
„Да, свршени сме! Многу е возбудливо. Никогаш не сум размислувала за свадба и каква невеста сакам да бидам. Би сакала да имам деца, но не знам кога ќе биде вистинското време со мојата работа, не е доволно само да сакам деца“ - пејачката со албанско потекло, Дуа Липа, конечно ги потврди вестите за кои јавноста веќе знаеше од минатата година кога го покажа дијамантскиот прстен.

Пејачката со албанско потекло и светска кариера, Дуа Липа, конечно ја потврди свршувачката со својот дечко, британскиот актер Калум Тарнер.
Уште од минатата година, извори блиски до парот потврдија за медиумите дека тие се свршени и дека се многу среќни заедно, но бидејќи немаше коментар од парот, се сметаа за шпекулации.

Сега, неколку месеци подоцна, во интервју за јулското издание на британскиот Vogue, пејачката која наскоро ќе наполни 30 години, за првпат официјално ги потврди среќните вести.

„Да, свршени сме. Многу е возбудливо. Оваа одлука да остариме заедно, да го видиме заедно животот и едноставно, не знам, да бидеме најдобри пријатели засекогаш – тоа е посебно чувство“ – изјавила таа.
Инаку, шпекулациите почнаа во 2024-та, кога таа го покажа големиот дијамантски прстен на раката, а изворите тврдеа дека саканиот ја запросил за време на божиќните празници.
Сега, откако ги потврди новостите (кои веќе и не се толку тазе), Дуа Липа зборуваше и за плановите за свадба.
„Сакам да ја завршам турнејата, Калум да заврши со снимање, па малку ќе уживаме сега во овој период.
Никогаш не сум била некоја што размислува за свадба или сонувала за тоа каква невеста ќе биде.
Одеднаш ми дојдоа мисли од типот – Леле, што ќе носам?“.

Таа се отвори и за желбата да стане мајка, а изјавила и дека е опседната со свршеничкиот прстен и дека е навистина убаво кога знаеш дека човекот со којшто ќе го поминеш остатокот од животот, всушност одлично те познава.
„Би сакала да имам деца еден ден. Но, тука се појавува константно прашањето – кога ќе биде вистинското време, како ќе се усогласи тоа со мојата работа и како ќе функционира кога ќе бидам на турнеја, колку време ќе имам...
Веројатно тоа е од оние работи кои ќе се случат кога ќе се случат. Сакам деца, но мислам дека за да одгледаш деца е потребно многу повеќе отколку само да ги сакаш“ – призна таа во интервјуто за Vogue.

M. M. | Црнобело